Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето “Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.1)“.
Во истото се анализирани конкретни случаи на потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки во коишто грижата за јавните пари не била примарна, велат од таму.
Еден од случаевите е и тендерот за реконструкција на поранешниот објект на Комерцијална банка.
Реконструкција на поранешниот објект на Комерцијална банка
Реконструкцијата, првично планирана да трае 18 месеци и да чини 6,6 милиони евра, сè уште не е завршена по речиси три години од склучувањето на договорот, се вели во истражувањето.
Во текот на реконструкцијата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 во еден ден.
Вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32% во однос на првично договорената сума, што е спротивно на Законот за јавните набавки, којшто овозможува зголемување од максимум 20%, се вели во истражувањето.
Во склучените анекси се евидентирани непредвидените работи во текот на градбата и појавените вишоци, се вели во истото.
-Вредноста на основниот договор не е намалувана за кусоците, кои биле евидентирани, но не и пребивани со вишоците.
Во меѓувреме, од СОЗР се бара да пронајде правна основа за пренамена на евидентираните кусоци од 1,1 милион евра и да ѝ се овозможи на градежната компанија да ги користи за реализација на новопредвидените позиции од новите технички решенија и новиот проект за против пожарна заштита во зградата.
Законот за јавните набавки не овозможува пренамена на кусоците и нивно користење во новопредвидени позиции, стои во истражувањето.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ














