Се уште не е донесена одлука дали по 15 ноември топланите во Скопје ќе работат на природен гас или на дизел, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Скопјани да бидат спокојни, тие непречено и во континуитет ќе бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона. Се уште не е донесена одлуката дали по 15 септември топланите ќе работат на приоден гас или на дизел, но топлинска енергија ќе има редовно, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.
Тој нагласи дека секоја топлана, вклучувајќи ја и ТЕ-ТО, која е когенертивна постројка во приватна сопственост, треба да има алтернативно гориво освен она кое го има како главно гориво за производство на топлинска или на електрична енергија.
– Алтернативно гориво може да биде екстра лесно, мазут или, пак, дизел или бензин. Моментално топланите работат на природен гас и главно 70 отсто од потребите за топлинска енергија се покриваат од страна на ТЕ-ТО. Другите 30 отсто, а во одредени денови и до 40 отсто, се покриваат од топланите Исток и Запад, посочи Бектеши.
И во делот на електричната енергија тој им порача на граѓаните да бидат спокојни дека до крајот на грејната сезона нема да има никаков проблем во делот на снабдувањето. Одлучиле, како што информира, ЕСМ да набави струја, бидејќи тоа во моментов е поевтина варијанта отколку да работи ТЕЦ „Неготино“.
– Во моментов се прават набавки на електрична енергија од страна на ЕСМ заради тоа што ако работи ТЕЦ „Неготино“ производството на електрична енергија по мегават час ќе биде поскапо од моменталната увозна цена.
За да не направиме штета на Буџетот, одлучивме дека е подобро да увеземе одредени количини на електрична енергија, кои на берзата чинат околу 200 евра за мегават час, отколку да ги произведеме во ТЕЦ „Неготино“ за повеќе од 240 евра за мегават час, заради актуелната цена на мазутот.
Ние одлучивме да штедиме, ТЕЦ „Неготино“ да не работи во овој момент и да увезуваме поевтина електрична енергија согласно берзанските цени, рече Бектеши.
Тој нагласи дека очекува да бидат повлечени 100-те милиони евра од ЕБОР за ЕСМ за справување со енергетската криза, поради, како што рече, неажурноста на ВМРО-ДПМНЕ.
– Согласно моите информации, ЕБОР најверојатно ќе ги повлече тие 100 милиони евра имајќи ја предвид неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ со не свикувањето на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Јас не очекував ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи заемот од ЕБОР, но ние сите сме одговорни да им дадеме шанса на пратениците да дискутираат, да дебатираат, а нивниот претставник како претседател на Комисијата не ја стави оваа точка на дневен ред. Тоа е потполно неодговорно. Не барам од нив да го поддржат заемот, но нивна обврска спрема сите граѓани е да ја стават точката на дневен ред, посочи Бектеши.
И без тие 100 милиони евра, како што нагласи, Владата е подготвена да нема криза во делот на снабдувањето со топлинска и со електрична енергија.
МИА/Фото: МИА