Претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, доброволно заминал на издржување на затворската казна, соопштија од партијата, оценувајќи дека судот не ја земал во предвид неговата здравствена состојба.
Од ГРОМ наведуваат дека Јакимовски е онколошки пациент и дека неодамна бил подложен на оперативен зафат, поради што одлуката да биде испратен на издржување на казната ја оценуваат како нечовечна и политички мотивирана.
Партијата тврди дека пресудата се однесува на поставување две времени општински бараки, кои, според нив, 13 години биле во функција на граѓаните и ѝ заштедиле значителни средства на Општина Карпош. Во соопштението се упатуваат и обвинувања за селективна правда и политички притисок врз Јакимовски.
Апелацискиот суд Скопје претходно ја потврди првостепената пресуда со која Јакимовски е осуден на една година затвор за кривичното дело бесправно градење. Во казната му се пресметува и времето што го поминал во куќен притвор од март до август 2019 година.
Фото: Јакимовски/Фејсбук














