Конзумирањето здрава храна, многу движење, без пушење, алкохол и нервози, се основите на долг живот. Тоа сигурно сте го прочитале на многу места, а дека е точно покажува и долгиот живот на Трајче Грозданов од Росоман, кој ја тера 101. година, а успехот за долговечноста го открива за државната агенција МИА.
-Во животот многу се движев, бев автомеханичар и по цел работен ден поправав комбајни и други земјоделски машини, во земјоделска задруга. Поправајќи, со часови се вртев околу најразлични машини, постојано во движење.
Кога се пензионирав, години и години поминав во пешачење, со километри, секое утро од разденување, до изгревање на Сонцето, вели Грозданов, кој е во брак со неговата сопруга Загорка, 72 години, која пак има 94 години.
Важно е и спиењето. Рано легнува и рано станува, и секогаш обрнува внимание добро да се наспие.
Кога е во прашање храната, оброците гледа секогаш да ги зема во исто време. Последниот во текот на денот му е лесен, неколку часа пред спиење и никогаш не се прејадува.
За појадок главно конзумира јогурт, лимон и мед, за ручек манџа со што помалку месо, а навечер избегнува или каснува нешто лесно како варен ориз или компир или само овошје или домашен компот.
Не конзумира пржена храна и јаде земјоделски производи од домашно производство, без хемија.
Многу малку време во животот пушел цигари, а вино и ракија, дегустирал воглавно во младоста.
Фото: МИА














