Дали се загрозени средствата на осигурениците во вториот пензиски столб стана топ во јавноста, откако на таа можност предупреди Државниот завод за ревизија (ДЗР), но и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Од ДЗР укажаа на слабостите во управувањето со парите на осигурениците во вториот столб, посочувајќи дека пресметките се прават навремено, но трансферите до приватните пензиски фондови доцнат, во просек за околу два месеца.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Славески, пак на социјалната мрежа Х, сподели интервју дадено во 2024 година за Трилинг, во кое меѓу друго вели дека пензиите на 70 до 80% од осигурениците во вториот пензиски столб би можеле да бидат пресметани под законски утврдениот минимален износ.
Како што вели во интервјуото голем дел од идните пензионери нема да акумулираат доволно средства за нивната пензија од првиот и вториот столб да го достигне минималниот законски износ.
Тој проценува дека државата повторно ќе мора да интервенира и да префрла осигуреници во првиот пензиски столб или преку Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) да ја надоместува разликата до минималната пензија.
Како главен проблем тој го посочува начинот на кој е поставен вториот пензиски столб. Од вкупниот пензиски придонес од 18% од бруто-платата, за членовите на двостолбниот систем 12% остануваат во Фондот на ПИОМ, а 6% се пренесуваат на индивидуалните сметки во приватните пензиски фондови.
Според него ваквиот модел создава долгорочен дефицит во државниот пензиски фонд, додека приватните друштва наплатуваат провизии и остваруваат добивки од управувањето со парите на осигурениците, а ја критикува и инвестициската политика на пензиските фондови, оценувајќи дека голем дел од средствата се вложуваат во државни обврзници, кои носат помал ризик, но и ограничени долгорочни приноси.
Од Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за Дојче веле на македонски јазик пак велат дека средствата во задолжителните пензиски фондови континуирано растат, а приносите биле во рамките на долгорочните очекувања.
„Висината на средствата на индивидуалната сметка зависи од повеќе фактори – висината и континуитетот на придонесите, должината на членството и приносот од инвестициите“, велат од МАПАС за Дојче веле.
Оттаму додаваат дека пониските акумулирани средства не се резултат на моделот, туку на висината на уплатите и прекините во работниот стаж.
Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб.
Придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата се одвојуваат во износ од 12,8% за Фондот на ПИОМ и 6% од бруто плата се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензискиот фонд.
Меѓу клучните фактори за висината на пензијата се висината на платата, должината на стажот, приносите од фондовите и возраста на пензионирање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Унсплеш














