Уметност која раскажува приказни за нашата традиција, за македонската гастрономија, за спомените од детството

Вниманието кон уметничката Елена Доленц, ми го привлекоа фотографии на социјалните мрежи, на кои се прикажани минијатурни скулптури во форма на традиционални софри со македонска храна. Толку изгледаат реално, што од прва ќе помислите и дека може да се јадат. Секој детал е рачно изработен без калапи и без машини.

Во зависност од барањата на клиентите, Елена ги изработува како магнет за да можат да стојат на фрижидер, со ногарки да бидат за украс или да стојат на мал штафелај. Најголемите масички се големи околу 10 сантиметри во дијаметар, а некои парчиња храна се мали и по неколку милиметри.

Освен овие минијатурни склутптри, изработува и накит за кој вели „Ја замислив женската душа како градина, која се огледува во сопствената огнена страст.“

Посебна, своја, која на она што го твори остава личен печат, што ја прави уникатна и препознатлива.

Уметникот како таков, наоѓа форми како да ја изрази својата креативност преку дела кои најдобро ќе го отсликаат тој порив, и преку кој, на најдобар начин ќе може да се изрази себе си. Оттука, дали преку изработката на накит и магнети со македонска храна, најдобро можете да се изразите, или пак постои и друг начин?

– Да, преку моите изработки чувствувам дека најдобро можам да се изразам, всушност преку уметноста општо. Имам периоди кога, пишувам, кога сликам, но мислам дека преку минијатурите како една интересна уметничка форма најмногу се изразувам, затоа што освен што тие се резултат на моите носталгични чувства кон моето детство, моите баба и дедо, моето село какво што беше во минатото, храната на која мирисаше нашата куќа…поради големината на моите изработки можам да ја изразам својата детска страна, бидејки потсетуваат на играчки, будат некоја детска радост, а јас постојано додека работам се чувствувам како да играм.

Како се роди идејата за изработка на накит, а како за минијатурните скулптури, или тоа е паралелен процес кој го развивате/работите?

– Накит започнав да изработувам во тинејџерските години, пред сѐ за себе. Сакав да бидам поразлична од другите и често си креирав каква облека и накит сакам да носам, а бидејќи она што ми се допаѓаше нема каде да се купи, па ја искористив својата креативност за да правам накит за себе, потоа и за другарките и некако започна тој накит да се продава, па од тогаш не престанав со изработката на накит до ден денес. Минијатурите се моја нова страст, не знам точно како се роди идејата за нив.

Во тоа време следев повеќе странски уметници кои изработуваат минијатури и им се воодушевував, а потоа сфатив дека и јас во мојот накит имам такви мали реалистични елементи и едноставно посакав да пробам да направам нешто, само за да видам дали ја имам и таа способност. Ми беше предизвик, а кога успеав и сфатив дека можам, пред мене се отвори цел нов свет преку кој ете денес раскажувам приказни за нашата традиција, за македонската гастрономија, за спомените од детството, за мирисот кој го чувствувам кога ќе помислам на мојата баба, за едни топли, убави сеќавања…

Ја замислив женската душа како градина, која се огледува во сопствената огнена страст. Многу убав опис на обетките кои подеднакво привлечно изгледаат и за јадење, освен за носење. Колку природата ви е инспирација, во секојдневното творење?

-Природата ми е голема инспирација, многу ми е важна во животот воопшто. Поради тоа се преселив пак на село, за да бидам колку што е можно почесто опкужена со природа. Природата е еден бесконечен извор на инспирација, често правам колекции на накит како овошје, цветови, листови, печурки… без разлика на тоа со каков материјал и во која техника творам, во моите изработки секогаш има елементи од природата.

Кога сме веќе кај природата, вие избравте живот во природа наместо во град. Од оваа перспектива, дали одлуката ви е правилна, имајќи предвид дека секој високо освестен човек, ја има истата цел?

– Да, враќањето на село во тој период од мојот живот беше најдобрата одлука која што сум ја донела. Тука успеав да си го најдам својот внатрешен мир,  тука ги имам времето и тишината која што ми се потребни за да творам без стрес, тука и моие деца имаа убаво детство. Секако, живеењето во село има и свои недостатоци, понекогаш ненамерно знам да го идеализирам животот овде, понекогаш е многу тешко, но навистина не би можела да живеам во голем град.

Имајќи ја предвид естетиката на накитот, верувам дека најпрво поаѓате од себе односно секое парче би го носеле најпрво вие.. Колку е важен тој дел од процесот, кога најпрво креираш прво за себе, а потоа да се погоди вкусот на клиентот?

– Јас, всушност, не носам накит често. Многу, многу ретко чувствувам потреба да ставам парче накит на себе, а и накитот кој го носам го купувам од други ракотворци, имам две-три парчиња кои сама за себе сум ги направила и не се многу слични на она кое што го правам за другите. Кога изработувам накит не размислувам дали е носливо, дали ќе им се допадне на луѓето, дали јас би го носела… едноставно ми доаѓаат идеи кои ги реализирам. Понекогаш имам само чувство кое сакам да го пренесам. Голем дел од дизајните и се создавани истовремено додека ги работам, едноставно ќе земам глина во рацете и самото се раѓа, но понекогаш и се инспирирам од изработките на други уметници. Сакам да експериментирам, секојдневно учам нови техники, испробувам разни идеи и поголем дел од дизајните се случуваат спонтано и јас верувам во тој процес.

Колку на ова поднебје, рачно изработените предмети се доволно ценети и си го добиваат заслуженето место како по продажба, така и по ценење на трудот на уметникот? Може ли од ова да се живее?

– Од една страна сум задоволна, има луѓе кои ценат, купуваат, со годините имам и свои постојани клиенти кои што ми веруваат и не пропуштаат да имаат парче од моја колекција на накит, но, за да се живее од оваа работа треба многу, многу да се работи. Проблемот е во тоа што еден ракотворец овде мора да има уште многу други улоги, да биде дизајнер и изработувач, да набавува материјали, да фотографира, да обработува фотографии, да споделува на социјални мрежи, да ги одржува социјалните мрежи, да пишува објави, да пакува, да испорачува, да комуницира со клиенти. Немаме работно време, понекогаш луѓето ќе пишат порака за нарачка и покасно во денот и за викенд и за празник.

Често нарачките треба да се готови за некој датум, па се работи на нив и ден и ноќ без одмор.  И да, на тој начин може да се заработи за да се има еден скромен живот, но лично сметам дека тоа не е во ред. Сметам дека еден уметник, еден ракотворец, еден креативец треба да заработува за себе повеќе од минимална плата. Трошоците за материјали се исто така големи. Стандардот кај е таков каков што е, немаме голема поддршка од системот, од институциите, немаме пристап до странскиот пазар, за такво нешто човек треба да се снаоѓа на најразлични начини што дополнително црпи енергија. Поради тоа најчесто креираме производи кои имаат подостапни, пониски цени, а со тоа и нашите способности не доаѓаат до израз. Јас сѐ уште чувствувам дека не го остварив својот потенцијал и тоа понекогаш знае да ме фрустрира, да ме обесхрабрува за жал.

Како и каде може вашите производи да се купат?

Моите производи засега се достапни само на социјални мрежи, на моите фејсбук и инстаграм профили. Сѐ уште немам физичка продавница. Клиентите ме контактираат во порака и така се договараме. Производите ги доставувам со карго пошта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести