„Ако одам во Битола“ најпознатата битолска песна во поновата музичка историја, авторско дело на легендарниот Петар Георгиев – Калица, за многумина е неформална химна на Битола.
Песната била првпат изведена во 1989 година од Октетот Македонија на фестивалот Валандово ‘89.
Песната деновиве доживеа ново издание со музички спот кој викендов имаа промоција во Битола.
„Да се направи нова верзија на оваа исклучителна песна, песна над песните за многумина е веројатно тешка задача. Но ова што го направи овој тим е доказ дека кога ќе се соберат вистински професионалци може,“ истакна Благојче Трајковски, кој е иницијатор за новиот препев на познатата песна. Тој е воедно и потписник на целата обработка и аранжман.
Во солистичка изведба на Димитар Андоновски, придружен од група „Фонтана“ и Камерниот гудачки оркестар, во саботата музичкиот видео спот имаше премиера во Центарот за култура во Битола.
– Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде, не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред Вас тоа го правеле други.
Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола. Мислам дека тоа е повеќе од видливо, а вие како публика тоа најдобро ќе го процените, изјави Андоновски.
Според кажувањето на самиот Калица, иако со години се подготвувал да ја напише оваа песна, ја создал само за пет минути. Првпат била испеана на „Фолк-фест Валандово“, во изведба на октетот „Македонија“ и ја добила третата награда од жирито, но таа награда станала далеку поголема со славата која песната по тој фестивал ја доживува.
Композиторот беше присутен во публиката и доби долг аплауз со овации при неговото појавување на сцената.
– Ова е емотивен момент за мене. Доказ дека една песна, ако е добра може да продолжи да живее. Кога ми се јавија овие личности, бев почестен. Ги знам нивните професионални квалитети. Со задоволство дозволив да се преработи песната. Ова што го гледам како резултат е прекрасно. Им благодарам, изјави композиторот Калица.
Како специјален гостин во овој музички проект се јавува познатата солистка на харфа Сара Костадиновска – Сара Мејс.
Обработката и аранжманот се на Благојче Трајковски, снимена е во студио “Подрумот“, а видео продукцијата е дело на Веста продукција.
Промоцијата ја водеше Љубица Ангелкова.
Фото: Коста Дупчинов