Во моментов не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање околу состојбата со поскапувањето на нафтените деривати.
Тој оцени дека и по најното поскапување на бензинот и на дизелот, Македонија има убедливо најниска цена на нафтата и во моментот нема опасност од недостиг.
„Очекуваме притисок и во периодот кој што следи, но имаме доволно количини. Разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои што ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати.
Во моментот нема опасност од каков било недостиг, така што ние како Влада продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби условно кажано, добра вест е што утринава, од тоа што можев да го видам и “брентот“ и цените на останатите нафтени продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако вчера го достигна пикот од 120 долара за барел, денеска се тргуваат за некаде 90-ина долари за барел“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека ќе реагираат согласно развојот на настаните.
Тој за утре најави состанок со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети за да поразговара со нив, да не се користи сега овој притисок веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните.
Мицкоски истакна дека Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и големо и врз основа на нивното однесување, така и Владата ќе се однесува.
„Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментот,“ рече Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата може да интервенира по шокот со драстичнот раст на цените на бензините и дизелот
Фото: Влада














