Службите за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика ивршија вонреден инспекциски надзор во градинката „Детска Радост“ во Гевгелија и при зедоа изјави од директорката и од вработените во градинката.
– Директорката е задолжена веднаш да се утврди правилно фактичката состојба и врз основа на тоа да се поведе постапка за утврдување на одговорност, односно ако најде докази дека со повредата на прописите е сторен прекршок, потешка повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи или кривично дело, да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, иницијатива за покренување на дисциплинска постапка или пријава за сторено кривично дело, согласно член 261 став1 алинеја 2 од Законот за заштита на децата, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
По вчерашното објавување на видео на социјалните мрежи од градинката „Детска радост“ во Гевгелија каде воспитувачката со погрдни зборови му се обраќа на дете, веднаш регираше Министерството за труд и социјална политика и порача дека ќе го расветли случајот во најкраток можен рок.
– Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата веднаш стапи во контакт со директорот на установата, а инспектори се упатени на терен за да извршат вонреден инспекциски надзор. Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани. МТСП нема да толерира било какво несоодветно однесување со децата во градинките, соопшти вчера Министерството за труд и социјална политика.