Од Врховниот објаснија зошто ги укинал пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје за несреќата на автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, во која во февруари 2019 година загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.
Како што велат од таму, Судот оценил дека второстепениот суд не одговорил целосно на клучните прашања што ги поставиле осудените во жалбите. Според Судот најважно е дека не било доволно објаснето како конкретно дејствијата на секој од осудените се поврзани со автобуската несреќа и дали врз основа на доказите може да се утврди нивната кривична одговорност.
Од Судот меѓу друго посочуваат дека во пресудата посебно се потенцирале вештачењата и супервештачењето, а во нив како причина за несреќата се посочува пропустот на осудениот возач на автобусот, Маноил Трифуновски, а истовремено била констатирана и неуредната техничка состојба на автобусот.
Според Врховниот суд, не било доволно објаснето во која мера неисправноста на автобусот влијаела врз несреќата и како конкретно се одразила врз нејзиното предизвикување.
Исто така од Судот велат и дека не било јасно врз основа на кои конкретни факти и докази Апелација заклучила дека и останатите осудени придонеле за несреќата. Во кривичното право, како што објаснува Судот, не е доволно некој да биде поврзан со одредена постапка или функција – мора да се утврди неговата конкретна вина и кривична одговорност за делото.
Врховниот суд нашол недостатоци и во начинот на кој Апелација ги разгледала жалбите, како и за образложенијата на пресудите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Врховен ги укина пресудите за автобуската несреќа кај Ласкарци, сите осудени излегуваат од затвор













