Со почетокот на новата учебна година, за првпат во Македонија на учениците им се достапни целосно дигитални учебници за деветто одделение, со интегрирани интерактивни и мултимедијални содржини и целосен систем за управување со учењето (LMS).
Дигиталните учебници по математика и по хемија за деветто одделение, развиени од издавачката куќа „Арс Ламина“, од оваа учебна година се бесплатно достапни за сите ученици, наставници и заинтересирани родители на образовната платформа ucebnici.mk.
За разлика од електронските изданија, што претставуваат пдф-верзија на печатен учебник, дополнети со одделни линкови или интерактивни елементи, станува збор за учебници што се целосно развиени за користење во дигитална средина.
Покрај содржините што ги содржи учебникот во печатена форма, дигиталните изданија се збогатени со мултимедијални содржини што претставуваат надополнување на основниот текст и на лекцијата со: филмови, анимации, видеоприкази, галерии на слики, задачи, интерактивни задачи, симулации и други образовни содржини.
Сите овие елементи се интегрирани во лекцијата и претставуваат една поврзана целина. Наместо да прелистува статични страници и дополнително да отвора надворешни содржини, ученикот се движи низ лекцијата природно и континуирано, слично како низ современа веб-страница. Текстот, визуелните содржини, видеото, анимациите, интерактивните активности и проверката на знаењето се дел од единствено образовно искуство.
Дополнителна новина е целосно интегрираниот LMS – Learning Management System, преку кој дигиталниот учебник станува и алатка за организирање и за следење на наставниот процес. Наставниците имаат преглед на учениците од нивното училиште и можат да го следат нивниот напредок низ дигиталните лекции. На овој начин тие добиваат подобар увид во тоа како секој ученик ја совладува наставната содржина и во кои области е потребна дополнителна работа или поддршка.
Учениците, пак, можат да учат со свое темпо, да се навраќаат на одделни содржини и да го следат сопствениот напредок, додека платформата им овозможува и на родителите подобар увид во процесот на учење.
Дигиталните лекции се погодни за мобилни уреди, односно се приспособуваат на различни големини на екран и можат удобно да се користат на компјутер, на таблет или на мобилен телефон. На тој начин учениците имаат пристап до содржините од различни уреди, без да се нарушат структурата и функционалноста на лекцијата.
„Овој проект е резултат на повеќегодишна работа, на истражување и на развој. Од самиот почеток нашата цел не беше едноставно печатениот учебник да го претвориме во пдф-формат и да му додадеме неколку видеа или линкови. Сакавме да создадеме вистински дигитален учебник – средина во која содржината, мултимедијата, интерактивните задачи и системот за следење на учењето функционираат како една целина. Со ова, за првпат кај нас учениците од деветто одделение добиваат пристап до ваков целосно дигитален образовен ресурс, а особено ни е важно што решивме да го направиме бесплатно достапен за сите“, изјави Дарко Фиданоски, основач и косопственик на „Арс Ламина“.
Тој додава дека проектот е продолжение на определбата на „Арс Ламина“ континуирано да вложува во квалитетни учебници и во едукативни изданија, што подразбира и развој на современи образовни решенија.
„Иновацијата е еден од клучните начини преку кои ја остваруваме нашата мисија. Нашата цел е преку квалитетни учебници, наставни помагала, образовни услуги и преку нови технологии да придонесуваме кон поквалитетно образование за учениците, но истовремено и да им обезбедуваме вистинска поддршка на наставниците и да им ја олесниме секојдневната работа.
Особено сме горди што зад платформата стои прв целосно домашно развиен LMS-систем, изграден од нула од нашиот тим и континуирано надградуван и усовршуван. Веруваме дека технологијата има вредност во образованието само ако е внимателно осмислена и ако навистина му помага на наставникот подобро да предава, а на ученикот подобро да разбере и да научи. Фактот што први воведуваме вакво целосно решение е уште една потврда за нашата долгогодишна определба да бидеме двигател на иновациите во образованието“, посочува Фиданоски.
Платформата ucebnici.mk функционираше и во текот на минатата учебна година во тест-фаза, кога содржините за осмо и за деветто одделение беа достапни за ограничено користење. Во тој период на платформата се регистрираа и ја користеа одреден број ученици и наставници, а нивното искуство беше искористено и во натамошното развивање и унапредување на системот.
Од почетокот на учебната 2026/2027 година платформата официјално е отворена и достапна за сите, а целосно дигиталните учебници по математика и по хемија за деветто одделение може да се користат бесплатно.
Значаен дел од дигиталното издание се и видеосодржините. Дел од нив се лиценцирани од образовната платформа SciVi, која нуди експерименти во видеоформат што го покриваат националниот курикулум по предметите хемија, физика и биологија за седмо, за осмо и за деветто одделение. На тој начин учениците можат визуелно да проследат процеси, појави и експерименти што потешко се објаснуваат само со текст и со илустрација, а секогаш не постојат услови да се реализираат во училишна лабораторија.
Со отворањето на платформата за сите корисници, „Арс Ламина“ прави уште еден чекор кон создавање современо, достапно и интерактивно образование, во кое дигиталната технологија не е само дополнување на традиционалниот учебник, туку составен дел од процесот на учење и на настава.
Целосно дигиталните учебници по математика и по хемија за деветто одделение се достапни бесплатно на ucebnici.mk и на scivi.com.














