Во Основниот кривичен суд – Скопје, денеска започна судењето за „Беса Транс“, компанијата во чиј автобус во ноември минатата година во несреќа загинаа 45 македонски државјани.
Во случајот обвинети се едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“.
– Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница.
Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, се наведува во обвинителниот предлог.
Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски.
МИА