Запрена истрагата за Капушевски и газдата на „Пуцко петрол“, немало докази за криминал во набавката на мазут за ТЕЦ Неготино

Запрена е истрагата за случајот за набавка на мазут за потребите на државната ТЕЦ Неготино, во кој според Министерството за внатрешни работи (МВР) имаше сомнеж за криминал од над 167,5 милиони евра, информираа денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Со истрагата беа опфатени 13 лица меѓу кои и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, како и поранешните директори на ЕСМ, Васко Ковачевски и Адријан Муча.

Од Обвинителството велат дека по едногодишна истрага не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту пак било утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.

Во истрагата била анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на државната ЕСМ во чиј склоп функционира ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива – мазут.

-Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија, велат од таму.

Истрагата исто така утврдила дека постапките биле спроведувани транспарентно.

-ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници.

Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари.

Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија.

Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар, велат од таму.

Во постапката не било утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на ЕСМ или на Буџетот на државата.

-Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино, велат од таму.

Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврдила дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело.

-Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.

Со оглед дека од сите прибрани докази не произлегува основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела кои се гонат по службена должност, донесена е Наредба за запирање на истражната постапка.

Против ваквата одлука на обвинителството оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок 8 дена од денот на приемот на наредбата за запирање на истражната постапка, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Газдата на “Пуцко петрол“, Асмир Јахоски со времен пасош во Истанбул

За што е осомничен газдата на Пуцко петрол, Јахоски, кој доби времен пасош

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести