Од Комисијата за заштита на конкуренција информираат дека СМА Холдинг Ш.П:К. од Албанија, новооснована компанија, која преку својот основач од Косово во Македонија работи со две компании – Вива Фреш и Кит ГО го купува Друштвото за трговија и маркетинг Студио Модерна од Скопје и ќе поседува 100% од акциите на истото.
Друштвото Студио Модерна се занимава со трговија на мало преку пошта и интернет која вклучува трговија на мало на производи за домаќинство, опрема за осветлување и други предмети за домаќинства, производи за подготовка на храна и други производи за унапредување на живеењето и опрема за чистење во домот, а е познато по производите од Делимано, Топ Шоп, Дормео, Волкмакс и Велнео.
Албански СМА холдинг во својот состав има повеќе различни дејности. Холдингот се занимава со трговија, обезбедување на помош на трговски друштва во целосна или делумна сопственост на Друштвото, продажба на големо и мало на стока и опрема.
Косовската компанија Вива Фреш пак во февруари 2023 година официјално го презеде Кит ГО со своите 58 маркети низ Македонија за 50 милиони евра.
„Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Фото: Фејсбук/Вива Фреш