Турската компанија „Шахтерм“ ќе инвестира 70 милиони евра во фабрика во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје, информираa од таму.
Одлуката за инвестиција е постигната на средбата во Бурса, Турција, на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата Фарук Шахин.
Компанијата ќе почне со реализација на инвестицијата во 2024 година и во следните 10 години е планирано отворање на над 1.000 нови работни места.
-„Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство.
Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како “Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција, велат од ТИРЗ.
Фото: ТИРЗ