еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Амбасадорите Дејвид Гир и Кшиштоф Гжелчик во Македонски Брод – граѓаните заинтересирани да реализираат проекти со ЕУ-поддршка

Општина Македонски Брод има огромен потенцијал за развој, а во тој процес од голема помош е поддршката од Европската Унија.

Ова беа само дел од ставовите на граѓаните на Македонски Брод, со кои Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, и полскиот Амбасадор, Кшиштоф Гжелчик, вчера имааа отворена средба во Домот на културата. Полска е поврзана со Поречието преку етнологот и научник Јозеф Обребски, кој во минатиот век ги проучувал обичаите на жителите од овој регион, како и преку низа развојни проекти во општината, културна и образовна размена меѓу училиштата и преку неодамнешните економски инвестиции.

Во рамки на своите посети на општините во земјава, освен преку разговори со градоначалниците и советниците, Амбасадорот Гир подобро се запознава со животот во локалните заедници токму од размислувањата и од искуствата на граѓаните.

Гир и Гжелчик во Македонски Брод ја посетија и пештерата Пешна и имаа можност да ја разгледаат изложбата со фотографии од Обребски.

„Дојдовме во Македонски Брод за да се сретнеме со граѓаните, со советот на општината, со градоначалникот и со граѓанските организации и да ги ислушаме. Да разговараме за тоа што за нив е значајно, каков е животот тука и кои се нивните приоритети и предизвици.

Дискусиите беа посветени на тоа каков тип инвестиции би можеле да се направат и како би можел регионот да се промовира. Несомнено, врвен приоритет би бил туризмот, бидејќи ова е навистина прекрасно место, извонредно за планинарење, искачување и за истражување на пештерите. Преку оваа посета научивме многу и ќе продолжиме да изноаѓаме начини како би можеле да го поддржиме Македонски Брод, но и целата земја,“ истакна Гир.

Во текот на посетата на Македонски Брод, амбасадорите на ЕУ и на Полска во земјава остварија средба и со градоначалникот Жарко Ристески. Тие, исто така, се сретнаа и со членовите на советот на Македонски Брод и со нив разменија мислења за тоа како ЕУ би можела да помогне на општината.

Значаен дел од посетата беше наменет за разговори со членови и со претставници на граѓанските организации кои се посветени на активности чија што цел е подобрување на животот во општината.

Во текот на отворената средба во Домот на културата, граѓаните учествуваа во две активности: „Прашај ги амбасадорите“ и „Сподели ја твојата ЕУ-приказна“. Во рамки на овие дискусии граѓаните отворија низа теми кои што се однесуваат на животот во Македонски Брод и како со поддршка од Европската Унија тој би можел да се подобри. Амбасадорот Гжелчик го сподели и полското 20-годишно искуство како земја-членка на ЕУ и го дефинира како успешна приказна.

Дел од жителите се интересираа дали и како би можел да се зголеми буџетот за програмата „Еразмус плус“ преку која што се поддржуваат проекти од областа на образованието. Тие, исто така, сакаа да дознаат дали постои можност и на кој начин би биле поддржани активности за руралните жени, односно за унапредување на нивните права и место во општеството.

Дополнително, граѓаните искажаа интерес за учество на тренинзи преку кои што би стекнале знаења за подготвување проекти финансирани од ЕУ, како и за аплицирање за добивање средства од фондовите на Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Еврокомесарот за проширување Вархеји: Се надевам на одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија до јули

Редакција

Европска комисија ќе испрати помош за гаснење на пожарите кај нас и во Бугарија

Редакција

Бугарија се уште не ги исполнува условите за влез во еврозоната, велат од Европската комисија

Редакција