Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднел кривична пријава против И.М. (41) од с.Буковиќ, Општина Сарај, вработена во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член 247 од Кривичниот законик.
-Имено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција постапуваше по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 лицето беше фатено во моментот на примање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени, а кои и биле давани за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија.
Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што е пронајдена сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.
Исто така, при претрес во нејзиниот дом во с.Буковиќ, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција.
Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје, информираат од МВР.