еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Детали за шестиот МакеКоПроДокс форум на 15. „МакеДокс“

Петтиот ден на јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе почне со отворање на индустрискиот сегмент на фестивалот, во чии рамки ќе се одржи шестото издание на МакеКоПроДокс форумот од 19 до 21. август во МКЦ.

Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.

Форумот ќе биде отворен со претставување на проектите и авторите кои учествуваат на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „МакеДокс“, која ја модерираат Кумјана Новакова и Влад Петри.

Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.

– Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција.

Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.

Во рамки на филмската програма на 19 август во Куршумли ан, со почеток во 21 часот, ќе се одржи македонската премиера на документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.

Темелејќи се исклучиво на архивски материјали и сведоштва, „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова е форензички видеоесеј конструиран како перформативно истражување за првиот случај на Меѓународен кривичен трибунал во кој се донесоа пресуди дека военото силување е форма на тортура, а военото сексуално ропство – злосторство против човештвото.

Имајќи ја предвид комплексната тематика, филмот на Новакова досега ги освои наградата „Срцето на Сараево“ за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино и многу други. Како филмски проект беше поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција.

На платото пред Музеј на Северна Македонија, на 19. август, во 20.30 часот, ќе биде прикажан етнолошко-документарниот филм „Хембој“ во продукција на Музејот на Република Северна Македонија, а чиј автор е етнологот Елизабета Конеска.

Снимен во Старата скопска чаршија, каде што сè уште се бојадисуваат стари јакни, панталони, кошули и други видови ткаенини се прикажуваат трите генерации од семејството Незири кои го работат овој занает и го водат дуќанот што го презеле од семејството Бојачиев. Ова е филм за наследството на занаетите и традициите во мултиетничко Скопје.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), на Фејсбук, Инстаграм, дневните видеохроники се на профилот на „МакеДокс“ на Ју тјуб, а може да се симне и фестивалската апликација.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почнува продажбата на Охридска банка

Редакција

600 специјализанти ќе се вработат во јавните здравствени установи следните две години

Редакција

Макошпед со добивка во третиот квартал

Редакција