Од Сојузот на математичари на Македонија (СММ) информираа дека на Светскиот математички натпревар, 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), македонската екипа освоила еден златен, два бронзени медали и три пофалници.
Штипјанецот Дамјан Давков освоил златен медал и 31 поени, Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ – бронзени медали со 21 и 16 поени, а Бранко Јангеловски, Ивано Божиновски и Никола Цветаноски добиле пофалници, односно 14, 13 и 12 поени.
Давков, со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита.
„Ова 16-годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да постане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување.
Најискрени честитки за целата македонска екипа на ИМО 2024. Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Им посакуваме уште многу идни академски достигнувања. Тие ги имаат потенцијалот, желбата и амбицијата во изобилство“, велат од СММ.
Натпреварот се одржува во Бат, Велика Британија, во периодот од11 до 22. јули.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
13-годишниот Дарјан Мирчевски освои златен медал на математичката олимпијада “Коперникус” во САД
Фото: СММ/Давков/Фејсбук