Македонскиот генијалец Јан Стојановски го освои првиот златен медал за Македонија на Европската олимпијада по физика, информираа од Друштвото на физичари на Македонија (ДФРМ).
Стојановски е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Стојановски има освоено и сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика лани во Хановер, Германија, бронзен медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика во Токио, Јапонија во 2023 година и златен медал на 5. Балканска олимпијада по физика во Никозија, Кипар во 2022 година.
Тој ќе учествива и на Меѓународната олимпијада по физика која од 21 до 29. јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран.
Награди за успешно учество (пофалници) добија и Матеј Гелев, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје, Емилија Николовска, ученичка во Математичко информатичката гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски, ученик во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
На 8. Европска олимпијада која се одржа од 15 до 19. јули во Кутаиси, Грузија учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на Олимпијадата имаше право да учествува со тим од пет ученици.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
13-годишниот Дарјан Мирчевски освои златен медал на математичката олимпијада “Коперникус” во САД
Фото: ДФРМ