еМагазин
Image default
Техно ТОП СТОРИИ

Математичките умови во акција: 2.500 средношколци го прифатија предизвикот на UltiMATH, 350 ќе се соочат во финале

Околу 2.500 средношколци привлече најголемиот натпревар по математика во Македонија – UltiMATH. Од нив, 350 ја поминаа онлајн квалификациската рунда и се пласираа за учество во големите финалиња што ќе се одржат овој викенд, на 30 ноември и на 1. декември во халата за настани на Ист Гејт Мол во Скопје.

Како што потенцираат од Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци, кои го организираат натпреварот, посетиле и повеќе од десетина средни училишта во Македонија и преку директните контакти со учениците успеале да привлечат голем број на учесници на UltiMATH.

„Горди сме што успеавме да привлечеме неколку илјади средношколци, од кои 350 веќе покажаа исклучителни вештини и ја поминаа квалификациската фаза. Ова е доказ дека во Македонија има млади умови со исклучителни способности и амбиции, а наша цел е да ги инспирираме и да го наградиме нивниот успех.

Со UltiMATH сакаме да создадеме традиција што ќе поттикнува таленти кои својот академски и кариерен развој ќе го насочат кон СТЕМ областите“, вели Петар Ниновски, основач на образовниот центар Бреинстер и на NU Колеџот за средношколци.

Што покажуваат резултатите?

Најмногу математичари има во Скопје, и според учество и според квалификувани кандидати, по што следат Битола и Охрид.

Во квалификациската фаза учеството на жени и на мажи е речиси изедначено со 47,7% кандидатки наспроти 52,3% кандидати, но во квалификуваните за финалето на UltiMATH доминираат мажите со 61% наспроти жените со 39%.

Најмногу квалификувани учесници има од гимназиите „Орце Николов“ – Скопје 41 и „Јосип Броз Тито – Битола“ 37, по што следува охридската „Св. Климент Охридски“ исто со 37 учесници, „Јахја Кемал“ со 36 и со по 32 учесници гимназијата од Скопје „Никола Карев“ и ДСУ Математичко-информатичка гимназија.

Од анализата на резултатите, највпечатлив е податокот дека квалификацискиот тест еден од учесниците го решил за неверојатни 4 минути и 44 секунди, додека просечно време за сите учесници е 19 минути и 7 секунди.

Од квалификуваните учесници, 30,6% се ученици во четврта година, 24,8% во трета, 24,2% во втора година и 20,5 % од прва година средно училиште.

Што може да се очекува на финалните рунди?

Првиот натпреварувачки ден ќе биде посветен на две елиминациски рунди во кои ќе учествуваат најдобрите средношколци кои ја поминаа квалификациската фаза. Задачите што ќе ги решаваат натпреварувачите ќе ги тестираат нивната логика, брзина и аналитички способности. По завршувањето на двете рунди од оваа фаза, најдобрите 50 учесници продолжуваат во Супер финалето.

Вториот ден ќе кулминира со завршните рунди. Во првата рунда – Супер финалето, 50 натпреварувачи ќе се соочат со напредни математички задачи, а во втората рунда – UltiMATH Challenge, 10 натпреварувачи ќе решаваат комплексни математички проблеми.

Победникот ќе ја освои главната награда од 10.000 евра, што претставува највисока награда за ваков тип натпревар во регионот. Покрај паричната награда, најдобриот математичар ќе добие и 100% стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот. Донација од 1.500 евра ќе биде доделена и на училиштето од каде што доаѓа најдобриот математичар.

Вредни награди ќе има и за најдобрите десет учесници – сертификати, стипендии и ваучери за Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци. Изненадувања ќе има и за сите финалисти на UltiMATH, велат организаторите.

Натпреварот UltiMATH  доби поддршка од повеќе средни училишта во Македонија и од компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP Fund Management, iBorn, The Beetles, Горска, Urban FM, МОФ – Младински образовен форум и други. UltiMATH е поддржан и од Активноста на USAID North Macedonia за млади кои активно создаваат можности – Youth Actively Create Opportunities.

Иницијативата се спроведува во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC) во партнерство со Младински образовен форум и Центар за претприемачи и развој на менаџери Скопје.

Мислењата изразени во текстот им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

ПР-објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хејтери, може само да сонувате да бидете Никола Ѓуретановиќ!

Редакција

Убава вест: Оздравени 240 болни од Ковид-19

Редакција

Во Грција од денеска „Covid free“ простори

Редакција