Македонскиот производител на лекови Алкалоид АД Скопје, кој во последните пет години забележа просечна стапка на раст од над 12%, отвори капитално поврзано друштво во Романија за зајакнување на својата позиција на локално ниво, објави романското издание на Бизнис магазин.
Заради одржување на темпото на раст, компанијата, која е присутна речиси во 50 земји, цели кон глобална експанзија, пишува Бизнис магазин.
Во канцелариите во Скопје пазарот во Романија се смета за стратешки, а локалното работење во првата година достигна пораст на продажбата од 66%. Алкалоид пласира околу 20 производи на романскиот пазар, од речиси 250 производи од портфолиото на фармацевтската компанија.
„Плановите за Романија имаат цел зголемување на тимот, на портфолиото на производи и на популарноста на брендот на производителот“, вели за магазинот Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, кој посочува дека Романија е важна стратешка гледна точка во глобалната мапа на Алкалоид.
„Во една динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите, вообичаено, одговараат на инвестициите, вештините и на знаењето, кои во последните две децении строго ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот ’Алкалоид’.
Важна стратешка гледна точка во нашата глобална мапа е Романија. На овој пазар, откако бевме присутни во последните години, во 2022 година регистриравме сопствена компанија во Букурешт“, вели Мукаетов.
Таму портфолиото на Алкалоид се состои од повеќе фармацевтски производи и од производи за хемодијализа.
„Наш врвен фармацевтски производ на овој пазар е антибиотикот Цефиксим (македонски Панцеф), регистриран со заштитниот знак Xifia во Романија, кој е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на романскиот пазар. Секој производ, секој бренд и секоја одлука на Алкалоид, главно, се резултат на залагањата на луѓето пред сѐ.
Нашата цел е да изградиме компанија од задоволни луѓе кои го вложуваат својот потенцијал во нашиот заеднички успех, бидејќи имиџот, вредностите, кредибилитетот и организациската култура на компанијата се рефлектираат преку нејзините луѓе“, вели Мукаетов.
Сторијата на Бизнис магазин на македонски јазик, ОВДЕ.