еМагазин
Image default
Бизнис

Основачот на Hart.mk, Драган Јаневски, го посети седиштето на Pininfarina Segno во Равена

Основачот и извршниот директор на Hart.mk, Драган Јаневски, неодамна го посети седиштето на Pininfarina Segno, во Равена, Италија, каде што се сретна со менаџерот за меѓународна продажба, Андреа Тритапепе, како и со Мартина Барбато од истиот оддел на италијанската компанија.

Hart.mk е македонски партнер на  Pininfarina Segno, новото поглавје во приказната на дизајнерската куќа Pininfarina основана во Торино во 1930 година, посветено на инструменти за пишување и аксесоари.

На средбата се разговарало на повеќе теми, со фокус на идните перспективи на соработката меѓу Pininfarina Segno и Hart.mk. При посетата на мануфактурата и нејзиниот изложбен салон, Драган Јаневски имал можност одблизу да се запознае со реализацијата на проектот Pininfarina Segno, роден од визија, уникатен во својата категорија, за да креира нови, свежи искуства и перспективи во сферата на пишувањето, во смисла на дизајнот, технологијата, материјалите и функционалноста.

Италијанските домаќини говореле за пасијата на компанијата за пронаоѓање креативни таленти, истражувања и иновации, и за вистинската грижа за квалитетот на изработката и доловувањето на чувството „Made in Italy“, односно за верноста на наследството на Pininfarina, засновано на синтагмата „well made“:

„Инструментите за пишување од колекцијата Pininfarina Segno се мали ремек-дела дизајнирани да остават неизбришлива трага низ времето. Изработени рачно, еден по еден, од најквалитетни материјали како што се алуминиум и фино оревово дрво, овие инструменти за пишување гарантираат внимание посветено на деталите по кои непогрешливо се познаваат италијанските производи.

Ние ја дефинираме Pininfarina Segno како лабораторија за развивање извонредност вдахновена од уверувањето дека дизајнот може да го подобри животот на секого, претставувајќи уникатно патешествие на креирање искуство без преседан, ново поглавје во приказната родена 1930 година.

Овие имагинативни и извонредно изработени инструменти за пишување се инспирирани од италијанското културно наследство и сопствената посветеност на Pininfarina на интелигентниот и иновативен дизајн на производи, процес кој во Pininfarina Segno го нарекуваме „дизајнерски ракопис“.

Доказ се неколку признанија и меѓународни награди што сме ги добиле досега, како Red Dot Award 2017 (добиена за стилусот Pininfarina Aero), Red Dot Award 2021 (за Pininfarina PF TWO Fountain Pen), European Product Design Award 2021 (за Forever FILUM), Good Design Award 2023 (за Forever Modula), Green Good Design Award (за B1 Digital Business Card).“

Говорејќи за идниот правец на компанијата, Андреа Тритапепе и Мартина Барбато го запознале гостинот од Hart.mk со перспективите на престижните партнерства на Pininfarina Segno на полето на меѓународниот дизајн од највисока класа, вклучително со брендови како Maserati, Rolls-Royce, Oracle Red Bull Racing.

„Снагата на овие партнерства лежи во заедничките визија и вредности: од континуираната потрага по извонредност во секој детал, до совршената рамнотежа меѓу традиционалното артизанство и иновативните техники. За оваа цел е креирана и посебна дивизија. Тука би ги издвоила соработката со Maserati, каде што амбициозната цел е да креираме префинета серија инструменти за пишување, инспирирана од накитот на четири тркала под знакот на култниот тризабец.

Соработката која е во континуиран развој ја прошируваме и со раѓање на нови производи, истражувајќи различни полиња на бизнисот, секогаш во чекор со еволуцијата која брендот Maserati ја доживува последниве години. Тука е и Rolls-Royce, за кој креираме уникатни пенкала, и по формата и по функцијата, дизајнирани да се истакнат во однос на сите претходни Rolls-Royce пенкала, со својата евокативна и истовремено високо модерна естетика.

За Hyundai Korea развиваме уникатни стилуси креирани ад хок за корисниците на новиот Genesis G80. Резултатот е ексклузивен инструмент за пишување кој комбинира иновација и динамизам со шарм на безвременска елеганција.

Неколку возбудливи лиценцирани соработки преставуваат важен дел од главниот бизнис на Pininfarina Segno на полето на врвниот канцелариски прибор и аксесоари, преку партнерство со влијателни брендови. Како што беше лимитираната едиција за Светско првенство во фудбал 2022 на ФИФА, специјалната Star Wars едиција или новото официјално партнерство со Oracle Red Bull Racing.“

Pininfarina, глобалната икона на италијанскиот стил, позната по извонредната способност да создава безвременска убавина, од своето основање во 1930 година еволуираше од артизанска компанија до глобална групација, претставувајќи го врвот на автомобилскиот стил, со консолидирано присуство во дизајнот на производи и експерименталниот дизајн.

Можеби најпозната по своето долготрајно партнерство со Ferrari на дизајнирањето луксузни патнички и тркачки автомобили, Pininfarina дизајнира и згради, супер јахти, луксузни часовници, кожни производи, велосипеди, инструменти за пишување.

Проектот Pininfarina Segno не е само дизајнерско студио посветено на светот на пишувањето и односните аксесоари во кој се развиваат артефакти родени од креативноста на Pininfarina, туку е уште и „опсерваторија на креативноста“, добро упатена во селекцијата и маркетингот на брендови кои заслужуваат поголема видливост и изложеност за својата извонредна иновативност, креативност и визија, ускладени со темелните вредности на Pininfarina.

Врвот од металната легура ETHERGRAF® е заштитен знак на стилусите Pininfarina Segno, а е инспириран од специјалната техника на сребрениот молив користен од Леонардо да Винчи. Создаден во соработка со водечките италијански истражувачи, тој пишува благодарение на оксидацијата што се предизвикува со триењето меѓу хартијата и врвот од ETHERGRAF®.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Општина Липково склучи договор со „Ју-бај 2 Амет„ вреден над 1 милион евра

Редакција

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај 4,28%

Редакција

Во блок-трансакции продадени 3.000 акции од Комерцијална банка

Редакција