еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Правото на вода, сè уште не е еднакво достапно за секого

Пишува: Проф.Д-р. Злате Стојаноски

Потрагата да се најде живот на Планета надвор од Земјата е суштински поврзана со потрагата по вода во Космосот. Како една од најзастапените молекули на Универзумот, водата е од витално значење за сите познати форми на живот, служи како универзален растворувач од суштинско значење за критичните биолошки реакции. Водата е основа на животот.

Три четвртини од површината на Земјата се покриени со вода. Целокупната количина на вода изнесува околу 1,4 милијарди метри кубни. Од нив околу 92,2% припаѓаат на солената вода и 2,2 % на мразот на половите и планините. Слатката вода од реките, езерата и подземната вода на континентите изнесува само 0,6 % од целокупната количина вода на земјата. Под влијание на сончевата енергија е воспоставен кружен тек на водата. Водата завзема големо учество и во градбата на растенијата и животните.

Човечкото тело се состои од 60 до 70% вода, а некои растенија содржат повеќе од 90 % вода. Кај возрасните луѓе дневната потреба за вода изнесува околу 35 грама на секој килограм телесна тежина. На еден возрасен човек дневно му се потребни околу три литри вода во форма на пијалоци или како составен дел на прехрамбените продукти.

Водата се употребува и таму каде што не е неопходна за живот, но е потребна за секојдневните потреби на човекот, како на пример за нега на телото и одржување на хигиена во домот. Вкупната потрошувачка на вода по жител во Република Германија изнесува од 130 до 150 литри на ден.

Во помалку развиените земји како што е Македонија потрошувачката на вода е драстично поголема, ова се должи на се уште ниската свест за рационално користење на водата, се уште ниската цена на водата, застарената инсталација за снабдување со вода и лошиот менаџмент на институциите надлежни за управувањето со водата.

Правото на пристап до вода – основно човеково право

За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право. Според календарот на Обединетите нации 22. Март е Светски ден на водата. Основниот фокус на овој ден е да се поддржи постигнувањето на целта за одржлив развој – вода и санитација за сите до 2030 година. Особен фокус е ставен на значењето на питката вода, да се преземат активности за справување со глобалната криза за вода и да се подигне свеста за 2,2 милијарди луѓе кои живеат без пристап до безбедна вода.

Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на хигиената.

Според препораките на Светската здравствена организација, изворот на вода не треба да биде оддалечен повеќе од еден километар, а времето на собирање и полнењето вода не треба да трае повеќе од 30 минути. Во најголем дел од Африка и Азија, во просек се пешачи шест километри, а неправилното користење вода за хигиенски потреби придонесува за зголемување на болестите за 88%.

Отпадните води не се прочистуваат и според ОН 90% од нив се депонираат во реките, езерата и морињата непрочистени. Нечистата вода е прв извор на смртност во светот и секоја година умираат 3,6 милиони жители, најмногу од нив деца. Тоа значи дека во една минута умираат седум луѓе, потврдува Alain Boinet претседател на Solidarites Internationales. Американскиот музичар Lenny Kravitz добитник на наградата Grammy, актер и продуцент е подржувач на УНИЦЕФ за осигурување на сигурна вода за пиење на сите деца во светот.

Правото на вода е поврзано и со другите човекови права, како што се: правото на образование, живеалиште, правото на здравје и обезбедување здравствени услуги, правото на работа, живот и правото на заштита од суров, нехуман третман или казна.

Така, на пр. поврзаноста на правото на вода со правото на образование се одразува со обезбедување на нормални хигиенски услови во училиштата, хигиена во просториите на училиштето и во тоалетите. Поради недоволна исполнетост на ова право во образовниот систем, секоја година речиси 2 милиони деца низ светот умираат од дијареја и други болести како последица од неодржување на хигиената.

Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода

Водата како добро од општ интерес за државата ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со закон и истата е комунална дејност од јавен интерес, посочија од Уставниот суд на Македонија, во донесената одлука во врска со противуставни одредби од Законот за снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води. Укинатата одредба гласеше: „Давателот на услугата има право да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните отпадни води, во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот.“ „Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода за пиење кога корисникот не ја исполнува обврската за плаќање“, се истакнува во Одлуката на Уставниот суд.

Имено, тргнувајќи од уставната и законска квалификација на водата како добро од општ и јавен интерес, Судот утврди дека со оспорената одредба со која давателот на услугата може да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните води во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот се повредуваат, односно се ограничуваат основните права на човекот и граѓанинот, а тоа е правото на користење на вода како основно средство за живеење, како и достоинственото остварување на правото и должноста на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Оттука, Судот заклучи дека конкретната оспорена одредба не е во согласност со уставно загарантираните основни слободи и права на граѓанинот

Започна Светска војна за вода

Судирите кои лани се случија во Сент Солин, во југозападна Франција можеби беа најава дека започна конечната битка за виталната течност на планета Земја. Планетата се прегрева, водата ја има се помалку, а стручњацита алармираат дека ќе ја има уште помалку, поради што рационализацијата на потрошувачката е аксиома. Востаниците се спротивставија на изградбата на 16 огромни резервоари за вода, со вкупна количина на 1.500 олимписки базени, кои би требало да се користат во сушниот период.

Но, проблемот е во тоа што со оваа изградба ќе се пореметат природните резерви на подземна вода, а и прераспределбата ќе биде насочена кон големите индустриски производители, за сметка на обичните земјоделци. Алармот се запали во францускиот департман Вож кога се дозна дека компанијата Нестле, која ја полни и флашира водата Вител, од природните подземни складишта на вода дневно црпи количина на вода која би ја потрошил град од 40.000 жители. Од друга страна на граѓаните им се забранува миење на колите или поливање на градините.

Борба меѓу руралните и урбаните средини

Конфликтите и во Република Германија се реалност. Во селото Лајзел кое припаѓа на Националниот парк Хунсрик-Хохвалд селаните се вознемирени поради тоа што два произведувачи на минерална вода сакаат да пробијат нови извори за проширување на сопственото производство и така населението ќе остане без пијачка вода. Со години на ова подрачје се намалува нивото на подземните води.

Комуналното претпријатие Хамбург вода го тужи соседниот округ Линебург, кој забрани од нивните извори да се експлоатира водата за милионската метропола Хамбург. Во Есен, градот Франкфурт од јужната област Рид зема по 44 милиони кубни метри вода годишно. Тоа доведе до опаѓање на нивото на подземни води и сушење на шумите во Централна Европа.

Се проценува дека џиновската фабрика на Тесла, јужно од Берлин ќе користи најмалку 1,4 милиони кубици вода годишно. Во тој регион има мали резерви на вода поради што повремено се спроведуваат рестрикции со ограничување на потрошувачката. Во моментов просечната потрошувачка е 175 литри по жител дневно, а со работа на фабриката ќе биде дозволено 105 литри по жител дневно.

Еден од најголемите потрошувачи е енергетскиот гигант RWE кој троши 500 милиони кубни метри вода годишно во рудниците за јаглен, за производство на струја. Сојузното Министерство за животна средина веќе ја подготвува стратегијата за периодот 2030-2050 година.

Војни за вода, војни со вода, војни поради вода

Побарувачката за вода се зголеми како што се зголеми и светското население, а зголемениот просперитет им овозможи на луѓето да живеат живот во кој трошат поголеми количества вода. Снабдувањето со вода е проблематично и затоа што климатските промени едноставно ги прават сувите места уште посуви.

Осиромашувањето на водните ресурси, еколошки проблем што може да предизвика сериозни последици во годините што доаѓаат, се чини дека е неважен и темелно запоставен факт. Несовесното користење на водата во последните неколку децении ја предизвика појавата на осиромашување на водните ресурси. Главните причини за оваа „водна” криза се: зголемувањето на населението во светот, неправилна употреба на водните ресурси и несвесното загадување на водата.

Како што е познато, секоја година во морињата и океаните се внесуваат 12 милиони тони нафта. Со нуклеарните централи во водниот циклус се вмешува и радиоактивниот отпад. Испуштањето на непрочистени отпадни води од домаќинствата доведува до микробиолошко загадување на водата.

Од почетокот на човечката историја, водата секогаш играла улога во конфликтите, иако ретко била единствената причина за нив. Историските експерти сметаат дека прв документиран случај на Војна за вода се случил пред 4.500 години, помеѓу градовите-држави Лагаш и Ума, во сливот на реките Тигар и Еуфрат. Борбите поврзани со водата стануваат сѐ почести. Водните капацитети можат да бидат цел на воени операции! Речиси во сите конфликти годинава, водоводите беа цел на напади, како на пример во Сирија, Украина и во Јемен.

Што се случи тогаш со војните за вода? Одговорот е дека тие продолжија и дека прогнозите не сторија ништо за да го намалат ризикот од поголеми конфликти.

Во извештајот на Кабинетот на директорот на ЦИА, се вели дека ризикот за избивање на потенцијални воени жаришта расте, бидејќи побарувачката за вода ќе ги надмине обновливите извори на вода за 40% до 2030 година. Според Извештајот од ООН во светот преку 780 милиони луѓе немаат пристап до питка вода, а до 2030 година 47% од светската популација ќе живее во подрачја со огромен недостаток на вода. Со забрзаниот раст на популацијата, зголемените потреби на индустријата, недостатокот на вода се зголеми за тројно во последните 50 години. Студијата на ООН проценува дека 30 нации ќе имаат проблем со недостатокот на вода до 2025 година. 18 од нив се на Блискиот Исток и во Африка.

Водата е новото течно злато, а не нафтата. За 50 години нафтата нема да значи ништо, а водата ќе значи живот. Ќе има војни, суша, глад и жед! Тоа се зборови на либискиот водич Muammar al-Gaddafi 10 години пред да биде соборен од тронот. Неговото предавање одржано на универзитетот во Триполи беше дочекано од западните медиуми со потсмев, а денес е реалност.

Во светот постојат околу 300 потенцијални меѓудржавни конфликти околу изворите на вода! Блискиот Исток е едно од таквите подрачја. Невозможно е мировниот процес во таа регија да биде одвоен од договорот за користење на водните ресурси. Израел не е заинтересиран за враќање на окупираните подрачја на Голанската висорамнина во Сирија, бидејки 60% од водата ја црпи од таму. Една студија предвидува намалување на дождовите во ова подрачје за 25% до крајот на векот.

Но ООН предупредува дека количината на вода во Сирија ќе се намали за 50% до крајот на 2025 година, што може да биде причина за нови воени конфликти. Количината на достапна питка вода значително се промени во овој регион на Блискиот Исток и Северна Африка.

Капацитетите кои изнесуваа 4.000 метри кубни годишно по жител во средината на 20. век сега се намалени на 1.100 метри кубни годишно. Научните истражувања потврдуваат дека овој регион под влијание на климатските промени, ќе продолжи да ги губи залихите на питка вода. Водените ресурси во ова подрачје секогаш играле улога во зголемената тензија и конфликти меѓу земјите.

Реките Тигар и Еуфрат течат низ Турција, Сирија, Ирак и Иран. Турција изгради низа хидроелектроцентрали во горниот тек на реката, што предизвикува намалување на водотекот низводно, што доведе до напнатост во односите меѓу Турција и особено Ирак. Голанската висорамнина е територија која се протега меѓу Израел, Сирија, Јордан и Либан.

Има бројни извори, потоци, и водни ресурси од кои се црпи питка вода за луѓето, животните и земјоделието. Главниот воден ресурс е Галилејското езеро, кое е најголемо слатководно езеро на Блискиот исток. Тоа се користи за наводнување на земјоделските површини. Израел анектираше дел од Голанската висорамнина во 1981 година. Во неколку наврати Израел даде предлог да се повлече од таа територија, под услов да продолжи да црпи вода, што се разбира Сирија го одби. Денес ова подрачје е повторно во војна, која според многу аналитичари е војна за вода.

Хуманитарна катастрофа во Газа

Водоводните и санитарните услуги се на точка на колапс во Газа, која е разурната од војна, со закана од големи епидемии на болести, соопшти Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ). Децата во Газа имаат само 10 отсто од водата што им е потребна за да преживеат. Според хуманитарни стандарди, минималната количина на вода потребна во итни случаи е 15 литри, која вклучува вода за пиење, перење и готвење.

Само за преживување, проценетиот минимум е три литри дневно. Неодамна раселените деца во јужниот дел на Појасот Газа имаат пристап само 1,5 до два литри вода секој ден, што е далеку под препорачаните потреби само за преживување, според проценките на УНИЦЕФ.

„Пристапот до доволни количини чиста вода е прашање на живот и смрт, а децата во Газа имаат едвај капка да се напијат. Децата и нивните семејства мора да користат вода од небезбедни извори кои се многу солени или загадени. Без безбедна вода, многу повеќе деца ќе умрат од сиромаштија и болести во деновите што доаѓаат,“ рече извршната директорка Кетрин Расе.

Еколошката војна на Израел им се заканува на идните генерации

Цената на израелската војна против Палестинците во Газа може да се смета на неколку начини: во човечки загуби, во загуби на инфраструктура и во штета на целиот екосистем на регионот. Има болест во воздухот и загадување во водата за пиење. И пред војната, водата во регионот веќе беше практично недзрава за пиење поради загадувањето, како и потрошените водоносни слоеви.

Околу 95 отсто од населението на Газа нема пристап до чиста вода.  Израел почна да ги поплавува подземните тунели во Газа со морска вода, дополнително загрозувајќи го и онака оскудното снабдување со вода во регионот и потенцијално оштетувајќи ги водоносните слоеви и почвата. Солта во водата може да ја стерилизира почвата во Газа, а исто така има и можни влијанија врз темелите на зградите – оние што Израел сè уште не ги бомбардирал.

Милиони луѓе во Украина го загубија пристапот до вода за пиење поради руската инвазија, што ги зголемува ризиците по нивното здравје

Кога Русија ја започна својата масовна инвазија врз Украина, жителите на Мирнохрад знаеја што треба да направат – да почнат да копаат. Малиот град, кој се наоѓа на артилериски дострел на руските сили во источна Украина, издржа шест месеци без вода во 2014 година, откако избувна војната меѓу владата и силите поддржани од Кремљ во регионот Донбас.

Според Денис Томаз, раководител на градскиот оддел за инвестиции и иновации, во борбите беа оштетени водните системи. Од тогаш, градот прави планови за вонредни состојби, вклучително и работи за претворање на подземните води што протекуваат низ згаснатите рудници за јаглен, во извор на вода за пиење.

Владата бушеше бунари низ градот, па дури и им помагаше на жителите да копаат свои. Додека Мирнохрад досега избегнуваше значителна штета, многу други градови на фронтот немаат толку среќа. Нападите врз водна инфраструктура и движењето на жителите кои ги напуштаат своите домови оставија дури 13 милиони луѓе низ Украина да имаат потреба од помош со вода и хигиена. Областите без безбеден пристап до вода може да се соочат со епидемии на колера, хепатитис, шуга и други потенцијално смртоносни болести, соопштија ОН.

При нападот на Русија врз Мариупол, беше уништен главниот канал за вода за пиење и помошниот водовод. Во текот на тримесечните услови на опсада, сите 22 пумпи во градот беа уништени. Според Хјуман рајтс воч, жителите биле принудени да пијат дождовница и да ги кршат системите за греење за да ја извлечат водата за да ги мијат рацете. Се чини дека Русија направи малку за да го врати пристапот до безбедна вода по окупацијата на градот, ставајќи ги преостанатите 100.000 жители во ризик од болести кои се пренесуваат преку вода. Само 5 отсто од домовите биле поврзани со извори на вода но дури и оваа вода може да биде премногу опасна за употреба. Анализата покажа дека водата од градот во Мариупол има опасни нивоа на бактерии загадени со фекални материи. На тој начин, градот беше изложен на особен ризик од појава на колера, на што предупреди и Светската здравствена органзиација.

Каде да го бараме спасот за недостатокот на вода

Се пострашните суши и недостатокот на питка вода ги упатува научниците да ја побараат водата во морињата и океаните. Одсолувањето на морската вода долго време важеше за скапа и штетна метода, но техниката напредува. Фритхјоф Купер од Универзитетот во Абердин се занимава со биодиверзитетот на морето. Тој тврди дека за земји како Кипар нема други опции како да дојдат до вода за пиење која станува вистинско богатство.

Овој остров во Средоземното море 4/5 од питката вода за населението ја обезбедува со десоленизација. Експертите сметааат дека одсолувањето на водата ќе игра се поголема улога, иако е во прашање комплициран процес, кој беше избегнуван како штетен по животната средина. Во светот постојат околу 20.000 постројки за одсолување кои работат на методата за обратна осмоза.

Солената вода под притисок поминува низ мембрана која треба да ја задржи солта и да ја пропушти водата. Овој процес троши многу енергија. 4 постројки се наоѓаат во Кипар, но за нивна работа се троши 5% од струјата на островот, а има емисија на 2% штетни гасови. Покрај тоа милиони кубици солена токсична смеса се фрлаше назад во морето кое ги уништи екосистемите на околните морски треви микроорганизмите кои се неопходни во ланецот на исхрана.

Делумно решението е во користење на обновливите извори на енергија – сонцето. Берлинската компанија „Бореал Лигхт“ разви постројки за одсолување кои воопшто не се приклучени на електричната мрежа, туку користат споствени соларни панели и ветерници. Водата од морето, ветерот и сонцето се добиваат бесплатно, така што може да се произведе илјада литри свежа вода за 50 центи. Десет од таквите постројки се наоѓаат во Саудиска Арабија, ОАЕ и Израел. Околу 47% од одсолената вода се произведува на Блискиот Исток и Северна Африка, во земјите кои немаат друг избор.

Секој е должен да се однесува внимателно и рационално да ги користи водите

При вршење на активности кои би можеле да имаат влијание врз водите и животот и здравјето на луѓето, секој е должен да се однесува внимателно и рационално да ги користи водите, да го спречи загадувањето на водите и да избегнува други негативни ефекти и ризици за животот и здравјето на луѓето и за животната средина“, се пропишува во Законот за водите.

Снабдувањето со вода за пиење се уредува со Законот за снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води. Цели на овој закон се:

– достапност на доволни количества здравствено исправна и чиста вода за пиење за потребите на корисниците на услугата, согласно со барањата, стандардите и  вредностите за квалитет на водата;

– снабдување со здравствено исправна вода за пиење, а во случај на нејзина контаминираност, забрана или  ограничување на користењето;

– соодветно информирање на корисниците на услугата за квалитетот на водата за пиење и преземање мерки за обезбедување на квалитет на водата за пиење;

– соодветно пречистување на индустриски отпадни води пред нивно испуштање  во реципиентот  и

– преку одведување на урбаните отпадни води да се обезбеди заштита од негативните ефекти од нивното испуштање.

Итни и заштитни мерки во врска со употребата на водата се неопходни. Јавната свест да се подигне на максимално високо ниво на одговорност. Водните ресурси да ги чуваме, заштитуваме и да престанеме да ги загадуваме и неразумно трошиме.Да ја предадеме водата на следните генерации чиста и безбедна.

“Секоја капка вода зачувана денес, би можела да значи илјада спасени животи утре.”

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европската народна партија го задржа мнозинството по европските избори

Редакција

Скопска Апелација со објаснување за укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“

Редакција

Се излеваат Вардар, Крива Река и Пчиња: УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките

Редакција