Убедена сум дека денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.
Сиљановска Давкова и Радев разговарале и за прашањето на внесување на Бугарите во Уставот.
„Јас да сум апсолутен монарх можам да го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесме решение, ниту да го наметнеме на нацијата и останатите,“ изјави Сиљановска Давкова.
Двајцата се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека научените бугарски лекции ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение, без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен.
„Искрено секој од нас го кажа своето видување со респект се сослушавме, но, факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но и факт е дека дијалогот е клучното решение,“ рече Сиљановска Давкова.
Пред средбата со Сиљановска Давкова, Радев побара македонската влада да ја напушти предизборната реторика и да се врати кон реалноста за дијалогот меѓу Скопје и Софија да продолжи.
„Нека се смират таму страстите, нека се вратат кон реалноста. Многу е јасно, нашите односи понатаму ќе продолжат да се градат врз основа на склучените договори и заклучоци на Советот на Европската Унија. Тоа е критериумот по кој ние ќе ги оценуваме нашите понатамошни односи“, изјави Радев.
Радев побара Македонија да ги исполни сите обврски кои ги презеле и на билатерално ниво со Бугарија, но и пред ЕУ и сите партнери, за да можат да се развиваат односите меѓу двете земји.
Фото: Кабинет на претседателката