Единаесетта година по ред, ТАВ Македонија учествуваше во хуманитарната акција „Подај рака” со која заедно со Општина Илинден помага на луѓето кои живеат во околината на скопскиот аеродром, информираат од таму.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, донираше пакети со прехранбени производи и со хигиенски средства за 37 семејства од Општина Илинден, кои живеат во социјален ризик.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и заменик-генералниот директор на ТАВ Македонија, Перо Лупевски ги предадоа хуманитарните пакети за семејствата од ранлива категорија на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
„Среќен сум што уште една година, во време кога солидарноста е поважна од кога и да било, можеме да направиме голема разлика во нечиј живот. Повторно покажуваме дека заедно со Oпштина Илинден и со Црвен Крст можеме да донесеме надеж во нечие срце, топлина во домовите на оние кои се соочуваат со економски тешкотии.
Секое семејство заслужува топла атмосфера и чувство дека не е заборавено. Мисијата на ТАВ Македонија, како општествено одговорна компанија, не е само да работиме успешно, туку и да живееме одговорно – за луѓето, за заедницата, за иднината”, порача Курт.
Волонтери на Црвениот Крст, ангажирани од Општина Илинден, ги доставија пакетите до семејствата на кои им се потребни, а кои живеат на територијата на Општина Илинден.
Донацијата е само една од бројните општествено одговорни активности на ТАВ Македонија.
-Аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, продолжува со својата стратегија за поддршка на заедниците граѓани кои живеат во општините каде што работат двата аеродрома.
Како дел од ТАВ Аеродроми, која е членка на групацијата АДП, ТАВ Македонија поддржува проекти кои се одржливи, хуманитарни, едукативни и кои придонесуваат за добросостојбата на луѓето и на животната околина, посочуваат од таму.