Во навечерието на празникот Усекновение на Чесниот Претеча и Крстител Јован, на Вечерната богослужба, во пресрет на манастирската слава на Бигорски манастир, се замонашија тројца монаси Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово.
Нивните нови монашки имиња се Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј. По неколку години искушенички подвиг, тие се духовни рожби на Епископ Антаниски г. Партениј.
Свештениот чин на монашки постриг го изврши Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
„Отсега вие ќе бидете отсечени од старите имиња и ќе ги имате како спомен и сон. Од вечерва ве поверуваме на небесните покровители, на вашите застапници чии имиња носите. Во св. Писмо пророкот вели: ,,Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“ (Плач. 3,27).
Вие како млади ги зедовте монашките завети, а тоа е бремето на послушност, целомудреност и сиромаштво. Ќе имате и време и сили да ги носите. Желбата за тоа вие веќе ја искажавте. Пројавувајте усилби и да ги исполните.
Послушанието е Божјата света волја, а истото е задолжителен долг на монахот кој се одрекол од себеси и заживеел за Бога и за ближните, следејќи ги зборовите на Христови: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мк. 8,34).
Грижата на црковното раководство, на духовниот старец, на игуменот и на постарите манастирски браќа по патот на духовното растење, исто така, налагаат почитување и послушност и сообразување со нивните богати совети и полезни поуким,“ изјави меѓудругото во беседата Митрополит Тимотеј.
Финецот Јаика Силккола (Елисеј) во Бигорски манастир е од 2020 година, таму останува искушеник, со намера да стане монах.
Пред да дојде во Бигорскиот манастир работел во Светата Митрополија и културниот центар „Света Софија“ во Хелсински 2018-2020 година кај Митрополитот Амвросиј.
Во меѓувреме Елисеј го научи македонскиот јазик и доби македонско државјанство.
Извор/фото/видео: bigorski.org.mk