Беким Максути, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), нема да одговара кривично за несервисираните „ер трактори“ кои не беа во функција за време на големите пожари во текот на летото 2021 година, оти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не нашло кривично дело, објави Фокус.
Обвинителството постапуваше по кривичната пријава која ја поднесе „Левица“, a со која бараше одговорност за Максути за несервисираните „ер трактори“ кои не можеа да се користат во екот на големите пожари низ Македонија кога изгореа 450 илјади кубни метри шума, а проценетата штета надмина 30 милиони евра.
Од Обвинителството за Фокус велат дека собрале докази, но не нашле елементи за кривично дело ниту за постапките за јавни набавки за поправка и сервисирање на авионите, ниту дека Максути несовесно работел.
Воздухопловните канадери наречени „ер трактор“, кои имаат капацитет да наполнат три тони вода и кои од небо требаше да ги гаснат пожарите, останаа приземјени кога гореа шумите во 2021 година.
Тогаш Максути откри дека канадерите не биле во функција две години зашто немало кој да ги сервисира, односно немало фирма што е овластена за да им направи сервис.