Испишана е историја. Весна Митевска, вработена во Националниот ансамбал за народни игри и песни – „Танец“ стана првата жена в.д. директорка во неговата 75-годишна историја.
Таа доаѓа на местото на досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој беше на оваа позиција шест години.
Која е Митевска
Таа е истакнат играч од прв ред – солист.
Родена е во Скопје во 1986 година и љубовта кон фолклорот и традицијата ја носи уште од најраното детство. Набрзо потоа таа станува член на КУД – Скопје, каде активно ќе членува сѐ до 2001 година.
Токму таа година, во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј‟, за прв пат во балетскиот оддел ќе биде отворена Насоката за традиционална музика и игра и Митевска станува ученик во првата генерација образовани фолклорни играчи/пејачи, каде и матурира со успех.
За време на образовниот процес таа се здобива со основите на традиционалното играње и пеење, ги изучува народните инструменти и остварува повеќе теренски истражувања.
Но, едукацијата во доменот на фолклорот продолжува и на Одделот за Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде после три години, во 2008 година, Митевска се запишува на Факултетот за музичка уметност, на специјализираните студии по етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде и се здобива со звањето дипломиран етнокореолог.
Во моментов е на магистерски студии на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ на УКИМ, на модулот Етнологија и антропологија на културното наследство.
Митевска е вработена во НУ “Танец“ од 2006 година, прво како дел од вокалниот состав, а од 2012 година станува дел од играорниот кор на Ансамблот, како истакнат играч од прв ред – солист.
Низ нејзината посветена работа во концертните активности на “Танец“, таа ја има претставувано македонската култура и традиција на многубројни настапи, како во нашата земја, така и надвор од неа, на престижни сцени во Австралија, САД, Шведска, Белгија, Германија, Италија, Латвија и многу други.
Во нејзината биографија се вброени и посетите на семинари, меѓу кои и оној за изучување на лабановата нотација на српскиот етнолог и етнокореолог Оливера Васиќ.
Во моментов, Митевска работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од селото Петровец, местото каде што долги години и самата живее.
Фото: Танец