Филмот на македонскиот режисер Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, кој му е прв, по неодамнешната светска премиера на престижниот филмски фестивал за независен филм „Санденс“ во САД, собра бројни позитивни рецензии, меѓу кои и во реномираните „Холивуд репортер“ и „Варајети“.
Дејствието на филмот е сместено во јуручкото село Коџалија во Источна Македонија и ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој наместо да чува овци сонува да стане диџеј.
Филмот ја следи и неговата љубовна приказна со девојка, која веќе му е ветена на некој друг.
Во филмот се зборува на турски и македонски јазик, а неговото снимање траело 36 дена на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, како и во Скопје.
Во филмот се појавуваат голем број на аматери, кои што никогаш немале актерско искуство, а биле избрани на кастинг.
Главните улоги ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет, познат по улога во филмот „Исцелител“.
Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други.
Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминката и маската се дело на Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон – Павел Јан, монтажер – Михал Раих. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Фот/видео: Промо