еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Зетот на Зоки Фаци ги запалил станот и куќата на сестра му, избегната голема трагедија

Вчера била избегната голема трагедија, откако Тодор Митровиќ, зетот на починатиот новинар Зоран Василевски Фаци, го запалил станот во скопско Ново Лисиче, каде што живееше Василевски, а сега е во сопственост на неговата сестра Бети, која живее таму со неговите двајца внуци.

Митровиќ, кој е зависник од алкохол, ја запалил и куќата на Василевски во Катланово.

Сестрата на Василевски и неговите вници, како што информираше јутјуберот и близок соработник на Василевски, Стефан Лазаров, подолго време биле жртви на семејно насилство.

Состојбата ескалирала откако сестрата на Василевски го истерала Митровиќ од станот, со кој моментално е во бракоразводна постапка.

„Зградата се наоѓа веднаш до основното училиште Лазо Ангеловски и не сакам да помислам колку ќе беше страшно доколку комшиите не изреагираа на време, затоа што пожарот започнал во ходникот на зградата и можел да се прошири низ цел спрат!

Е сега сѐ ова станува уште по хаотично! Замислете, пожарот е подметнат од таткото на внуците на Зоки (неговиот зет). Подолг период ги малтретира, им упатува закани по живот, хроничен алкохоличар е, пријавуван е сто пати до сега, со докази за насилство и докази дека им најавува дека ќе ги убие!

Вчера некој полицаец на Бети (сестрата на Зоки, сопруга на сторителот) на нејзина пријава дека сега веќе поранешниот маж и најавил дека ќе ги запали, полицаецот и одговорил: “аман секој втор ден ли ќе се расправаме со вас?“.

Дополнително оваа утро додека куќата во Катланово ја гаснат, таткото им се јавува и им најавува дека ќе го запали и станот, додека тие возат накај Катланово.

Веднаш се јавуваат во полициската станица во Аеродром и повторно го добиваат одговорот: „аман веќе од вас“.

Откако го запалил ходникот, и колегите кои веќе се на увид во Катланово интервенираат кај колегите во Аеродром, дури тогаш полицијата излегува на терен!

Замислете ситуацијата денес да ескалираше и да имаше поголеми последици !?“, напиша Лазаров на Фејсбук.

Митровиќ е уапсен вчера вечер и околу 21 часот е изведен пред судија на претходна постапка.

За инцидентот денеска информираа и од Основното јавно обвинителство Скопје, од каде велат дека поведена постапка против Митровиќ за кривичното дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот, на 2. мај во утринските часови, во викенд – куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на неговата сопруга со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.

Иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настапи штетната последица, се согласил со нејзиното настапување и откако еден ден претходно телефонски се заканувал на оштетената и на нивниот син, на критичниот ден со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата.

Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот.

Откако ги сторил делата, ја известил оштетената дека ги опожарил двата објекти. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата.

Ценејќи дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, велат од таму.

Фото: Лазаров/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: Се менуваат правилата за котација на Македонската берза

Редакција

Министерството за одбрана склучи договор со “Пуцко петрол“ вреден 1,4 милион евра

Редакција

Ќе трае до 15 октомври: Почнува кампањата за Локалните избори 2021

Редакција