Протестот кој започна на булеварот “Партизански одреди“ во Скопје, поради прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова, продолжи пред Собранието, Јавното обвинителство и заврши пред Кривичен суд.
Студентите и младите, кои беа најбројни помеѓу насобраниот народ побараа законски решенија, но и одговорност за сите жртви изминатите години.
„Веруваме дека во Собранието има и чесни и искрени луѓе меѓу другите, затоа ги повикуваме тие пратеници кои вистински се грижат за овој народ во најбрз можен рок самите да ја иницираат постапката и самите да ги предложат тие законски решенија. Бараме решенија!“, рече Борјан Ефтимов пред Собранието.
Вината ја впери кон Обвинителство и Кривичен, „да им покажеме со прст кои се тие кои замолчуваат секој ден додека млади луѓе ни гинат на улици“.
Пред Кривичниот суд демонстрантите извикуваа „Убијци”, „Правда за Фросина”, „Затвор за Васил”, „Крвави ви се рацете“, „Нема веќе молчење”, а потоа, со црвена боја оставаа траги од дланките на плочникот.
„Да ја искористиме оваа енергија, а да не нè искористат. Убаво е да сме гневни, но треба да бидеме и разумни. Ако бараме тие да го решат проблемот – нема да го решат. 30 години бараме, протестираме. Да не се задоволуваме ова да заврши на протест. Ве молам, меѓу вас младите, имате лидери, организирајте се, наивно е да очекуваме дека тие ќе се сменат преку ноќ“, изјави Александар Митров.
Тој ги повика присутните, како што рече, да го искористат гневот паметно.
„Организирајте се меѓу вас, да направиме нови институции. Ако бараме од Парламентот, тие нема да сменат, само ќе нè шминкаат“, додаде тој.
Протест беше организиран и во родниот град на Фросина Кулакова, во Неготино, каде што нејзините другари се присетуваа на нејзината светла личност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео+фото) Река од луѓе на протестот за Фросина Кулакова во Скопје
Фото: Мартин Колоски