Македонија во најновиот извештај за Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ е рангирана на 36. место од 180 држави во светот.
Во однос на лани, земјата бележи скок од две места и има најдобра оценка споредено со земјите во регионот.
Најголем пад од 5.35 поени има во политичкиот показател, од 1.82 поени во делот за правната рамка и од 3.05 поени во социјалниот дел, а пораст има само во показателот за безбедност од 8.16 поени.
“Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
Владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, стои меѓудругото во извештајот.
Во истиот е нотирано и дека критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.
„Целокупното опкружување останува поволно за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.
Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво.
Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, се вели во делот за политички показател.
Во истиот во делот за правната рамка се вели дека Македонија бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија.
„Додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да ѝ се придружи.
Процедурите на SLAPP тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудувањето за клевета на медиумот ИРЛ во 2023 година за неговото истражување од општ интерес постави опасен преседан.
Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното ширење на влијание поврзано со тоа“, стои во извештајот.
Во социјалниот показател во извештајот се нотира дека социјалните медиуми и дигиталната сфера главно го фаворизираат ширењето на дезинформации и кибер закани.