На денешното судење за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за првпат сведочеше таткото на Ѓорчевска, осомничениот Александар Ѓорчевски.
Тој меѓудругото истакна дека нема апсолутно никаква инволвираност со другите осомничени од чии искази во текот на постапката приметил дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание, а приметил дека демонстираат гнев и разочарување од т.н. „цар“.
„Одновно и одново со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, психички и вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаа доказите како и за првото убиство за тој велешанецот Панче, и заташкаат, Господ знае уште колку убиства ќе направеле и киднапирале.
За себе сметам дека дадов голем придонес во истрагата,“ рече Ѓорчевски.
Тој додаде дека осомничените Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски не ги знаел од порано, а и додека траат рочиштата претежно мижел.
„За Љупчо Палевски дознав кога ме задржаа во станица. Цело време ме прашуваа како сум комуницирал со него, што сум договарал, а за останатите имињата ми беа кажани, но и ден денес ги мешам, ми беа кажани од обвинителката Жаклина во присуство на мојот адвокат,“ рече тој.
За односот на полицајците вели дека уште на почетокот бил свесен дека полицијата се сомнева во него. Ѓорчевски сведочеше дека во полициска станица не му соопштиле на човечки начин дека неговата ќерка е пронајдена мртва, туку дознал на распит во Обвинителство.
„Дојдоа инспекторите Дејан, Кире и Музафер. Веднаш ги прашав да не се случило нешто, Дејан ми одговори – не се прави дека не знаеш. Сега ти ќе ни кажеш нам што се случило. Ги имаше фатено еуфорија.
Инспекторот Кире викаше на цел глас: „со 100 нула ве победивме“, Дејан викаше дека јас сум ѝ ставил селотејп на устата, цело време сум знаел што се случува и сум ги влечел за нос.
Се одвиваше и физичка тортура, која не ја ни приметував. Бев парализиран, како дух. Едноставно, поминуваа ударите низ мене. И на секое мое прашање, добро луѓе кажете што се случило, одговараа дека јас сум тој што треба да им каже.
Сè се знае, само уште јас треба да признаам. Не знам, што требаше да признаам.
Ги прашав за кои луѓе се работи. Тие ми рекоа дека не ги знам и дека сум се договарал само со монструмот. Им реков не познавам монструми и гангстери, кој е тој. Ми рекоа Љупчо Палевски.
Прашав, човекот кој ја правел зградата? Рекоа, не се прави дека не знаеш.
Бев парализиран од душевна болка. Иако никој не ми соопшти човечки што се случило,“ рече Ѓорчевски, кој исто така раскажа дека неговиот кумашин Гоце Трајковски му понудил помош и во првите денови од исчезнувањето на Вања, бидејќи имал пријатели и во полиција и во „Сејф сити“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Реален доказ за Ѓорчевски нема, оставам на совеста на Обвинителство, вели адвокатот Туфегџиќ
Фото: Унсплеш