еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Признанието „Златен објектив“ на Кинотека, во рацете на доајенот Петар Богоевски

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.

Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12.00 часот во киносалата на Кинотеката на Македонија.

Фото/Unsplash

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уметниците ќе донираат уметнички слики за помош во Грција

Редакција

ЕСМ склучи договор со Интер глобал, вреден 421 илјади евра

Редакција

Каков имот пријавил Ејуп Рустеми, поранешниот директор на Државни патишта, кој е меѓу осомничените за тендер со патарини

Редакција