Вечерва во 19:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Раст е ние“, од поетот Исток Ј. Улчар, во издание на издавачката куќа „Илика“ од Скопје. Збирката ќе ја промовира Јулијана Величковска.
Промоцијата ќе случи во рамки на 5. Скопски поетски фестивал, каде публиката веќе имаше можност да го слушне настапот на Исток Ј. Улчар, на второто интернационално читање „Од ритам до алгоритам #2“ на 25. aприл, во Младинскиот културен центар.
Ова е шестата книга песни со претходно необјавен материјал од Исток J. Улчар, за првпат објавувајќи под своето уметничко двородово име Бела. Книгата се состои од 5 циклуса со разновидна структура и должина (петтиот циклус е практично диптих), секој со дијаметрално различен сооднос меѓу значенска јасност и јазична игра, мегу вербална експлицитност и стилски експеримент. Во таа смисла, неговата досега најуспешна песнарка може да се спореди со парабола, чија почетна и крајна точка се најотворено разбирливи, додека оската на симетрија е најотворена за интерпретација.
„Она што е поважно за Улчар и неговата поетика е дека не следи правила, а е строга и логична, концизна, верна на сопствените убедувања. Сонети што се кршат, рими во брз и во бавен ритам, слоговна дестилација, брзозборки слеани во стих, многу архаизам прекроен со модернизам. хумор и иронија, инвокативен тон… ce само некои од квалитетите на овој ракопис,“ вели Ана Голејшка Џикова за збирката.
Исток Ј. Улчар е германистфилолог. Автор е на досега 6 објавени книги песни (Сенки низ циркускиот шатор, 2014 – Антолог; Интензивен курс по агонија, 2016 – Темплум; Стихотворбите на Хрвоје, 2018 –ПНВ публикации; Порој од пепел, 2020 – Полица; Молох 2,2021 – Македонија презент) и на еден словенечко-македонски поетски избор („Lidija na obali/Лидија на брегот“, 2020 – независно издание).
Настапувал на повеќе поетски читања и фестивали во земјата (Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово и др.) и странство („Вече отворених микрофона“ и фестивалот „Допир на Македонија“ во Белград).
Добитник е на првата награда на фестивалот „Бдеење на кокински мугри“ за песната „Вежба“, подоцна објавена во „Молох 2“.