Слободни места за упис од гимназиите кои се наоѓаат на територија на Скопје и тоа за вториот уписен рок има само во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, околу 60 места, соопштија од Министерството за образование и наука.
Конкурсот за запишување ученици е завршен за гимназиско образование во „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“ и „Орце Николов“.
Тестирање за упис во средно годинава има во две училишта во Македонија, по објавувањето на ранг-листите по првото пријавување на учениците. Првото пријавување се реализира од 20 до 25. јуни, а на 26. беа објавени ранг-листите.
Вчера имаше квалификациско тестирање во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје, здравствена струка за образовните профили фармацевтски техничар, медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик и во СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра, на македонски наставен јазик.
Финалните ранг-листи покажуваат дека во првото пријавување се пријавиле 15.786 ученици, а се запишале 13.882. Според видот на образованието, во првото пријавување запишани се вкупно 4.316 ученици во гимназиско образование и 9.566 ученици во стручно образование.
Слободни места за второто пријавување има за вкупно 17.272 ученици. Во гимназиско образование има 4.878 слободни места, додека во стручно образование 12.394.
Ранг-листа на запишани ученици се објавува на 3 јули 2024 година на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница, до 09 часот.
Пријавувањето за упис во средно се одвива електронски, односно учениците треба да пополнат е-пријава. Потоа, сите документи треба да ги однесат во хартиена форма во училиштата.