еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Фото) Епископ Антаниски Партениј сослужуваше со Вселенскиот Патријарх во чест на празникот Успение на Богородица

Епископ Антаниски Партениј, заедно со дел од братството на Бигорски манастир и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Турција, каде што учествуваа во прославата на големиот христијански празник Успение на Богородица.

„Нашето монашко поклонение започна во вторникот, на 13 август, кога на островското пристаниште бевме пресретнати и прегрнати од широката душа и од срдечната љубов на домаќинот, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил.

Попладнето истиот ден, во топлата прегратка на древниот Имврос, каде што и природата, и многуте храмови и параклиси говорат дека ова некогаш било средиште на ромејската душа, но и место, каде што денес минатото и сегашноста се сплотуваат, изразувајќи непосрамлива надеж во светлата иднина, среде овој многустрадален, но силен народ кој живее за да го сочува возвишениот ромејски дух, таму, пред самиот залез на Сонцето, во малиот храм на Пресвета Богородица Баломени, сместен во преполната со живот пустина на островот крај морето, се изврши Молебниот канон во чест на заштитничката на Имврос, Пресветата Богомајка, на кој претстоеше нашиот Старец, Апископот Антаниски г.  Партениј, а свештенослужеше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Анатолиј, заедно со имвроски свештенослижители собрани околу својот Митрополит г. Кирил,“ се вели во објавата на Бигорски манастир.

Следниот ден на 14 август, пристигнал и Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј при што во самото навечерие на празникот Успение на Пресвета Богородица, во светиот храм посветен на Нејзиното славно име во Агридија, се одржала празнична вечерна богослужба.

„На оваа благословена богослужба претстоеше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, додека сослужуваше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Кирил, заедно со браќата свештенослужители од Бигорскиот манастир и од Имврос,“ се додава во соопштението.

Претходно Вселенскиот Патријарх со посебна благодарност ги поздравил Епископ Партениј и монашката заедница.

„Неговото Богољубие Светиот Антаниски и многуте негови придружници, во празничните денови нè благословуваат, ни ја пренесуваат љубовта и почитта од еден друг православен народ, чијашто ориентација е заснова на древната Охридска Архиепископија“.

Тој ја искажа и својата надеж дека Охридската Архиепископијата ќе се движи во рамките на канонскиот поредок, како би дошол моментот да го добиете своето канонско признавање на автокефалноста,“ велат од Бигорски манастир.

Епископ Партениј истакнал дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата.

„Вистинуваат зборовите на нашиот свет Блаженејши Архиепископ г. Стефан, изговорени по примањето на Синодалниот Акт за востановување на канонското единство од рацете на Сесветиот Патријарх дека „има една очигледна вистина – ако сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија.

Многу од наследството на Охридската Архиепископија е поврзано со центарот – и во црковната уметност, и во градителството, и во богослужбената традиција итн. Сè што ќе се сотворело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид.

Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата,“ истакнал меѓудругото Епископ Партениј.

По завршувањето на Светата Литургија, на плоштадот во Агридија се одржала прекрасна културно-уметничка програма, исполнета со традиционална музика и песни, изведена од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со учениците од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.

“Мелодиите и ората на младите уметници откај нас, проникнати со длабока љубов кон нашата музичка традиција, одекнуваа низ плоштадот, носејќи духовно веселие на сите присутни. Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со видливо воодушевување и радост, го благослови настапот, пофалувајќи ги младите изведувачи и нивната посветеност кон зачувувањето на богатото културно наследство,“ се додава во соопштението.

Фото: Бигорски манастир

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ѓоковиќ по шести пат го освои Вимблдон и стигна до неговата 20 грен-слем титула: Кога бев мал, го изработував овој трофеј

Редакција

Само платени руски ботови и некои политичари се против уставните измени, вели Ковачевски

Редакција

Загинаа двајцата пилоти од канадерот што се урна на грчкиот остров Евија

Редакција