Во период кога граѓаните на Македонија веќе можат да ги почуствуват придобивките од инцијативата Отворен Балкан, се отвара прашањето дали земјава е пред излегување од истата.
Министерот Бујар Османи и кандидат за претседател на Македонија на владејачката ДУИ, вчера најави дека на првата наредна седница на Влада на која иницијативата ќе биде тема, ќе предложи излегување од истата, а откри и дека тој извесен период не присуствува на средби за инцијативата и најави дека нема да учествува и понатаму.
-Во Отворен Балкан ние не сме присуствувале после Бањска. Реков ако се потврди дека Белград има вмешаност, тогаш навистина го прави невозможно, бидејќи идејата на Отворен Балкан беше поинаква. Беше идеја да се воспостави една можност за Србија и Косово полека да почнат да создадат предуслови за меѓусебно признавање и воспоставување дипломатски односи, како една од иницијативите покрај економската соработка, итн..
Се разбира секоја држава ја истакнуваше својата перспектива. Некои ја истакнуваа економската соработка, некои ја истакнуваа мобилноста на граѓаните, некој го истакнуваше помирувањето.
Ние, зборам сега и како политичка партија, ако можам да кажам во тоа гледавме можност за помирување и меѓусебно признавање, бидејќи таква беше идејата на премиерот Рама. Меѓутоа, ова со Бањска навистина ги поремети тие односи. Затоа јас не сум присуствувал веќе на тие средби, и нема да присуствувам, рече Османи.
Претходно излегување од Отворен Балкан, најави и кандидатот за претседател на државата на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, доколку стане претседател.
Во коалицијата се партиите Алтернатива, Беса, Демократско движење и симпатизери на партијата на косовскиот премиер Албин Курти, Самоопределување, што значи дека речиси сите партии на етничките Албанци во Македонија се за излегување од инцијативата.
Фото: Влада