400 евра казна за непочитувањето на правилата за чување и движење на кучиња, 5.000 евра за сурово постапување, се подготвуваат законски измени

Агенцијата за храна и ветеринарство во координација со институции и здруженија, подготвуваат значајни измени на законската рамка за заштита на животните, со кои се заоструваат правилата за сопствениците и се воведуваат построги санкции за злоупотреба и занемарување, информираат од таму.

Според предложените мерки, непочитувањето на правилата за чување и движење на кучиња ќе се казнува со околу 400 евра, додека за сериозни прекршоци како нанесување болка, сурово постапување или убивање на животни се предвидуваат санкции до 5.000 евра.

Една од најстрогите новини е воведување трајна забрана за чување миленици за лица кои ќе ги напуштат. Законот исто така предвидува ограничувања за неконтролирано размножување, како и забрана за продажба или подарување животни надвор од регулирани услови.

Дополнително, се забранува постојано држење кучиња врзани или затворени без да им се обезбеди секојдневно движење. Воедно, се укинуваат практики на усмртување животни за ритуални цели.

Во делот на контролата на популацијата, се воведува задолжителна стерилизација за домашни кучиња и строги правила за одгледувачите. Секое легло ќе мора да биде евидентирано кај ветеринар, а ќе се следи и каде завршуваат младенчињата. Дополнително, се ограничува бројот на легла – најмногу едно годишно по животно.

Новина е и воспоставување центри за згрижување и вдомување на бездомни животни, како и можност тие да се сместуваат кај привремени вдомувачи. Паралелно, ќе се воведе регистар за пансиони, продавници и одгледувачници, со засилен инспекциски надзор од повеќе институции, вклучително и полицијата и локалните инспекторати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести