Во првиот месец од примената на системот „Сејф сити“ се поднесени вкупно 476 приговори по издадените прекршочни налози за евидентирани сообраќајни прекршоци, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Најголем дел од приговорите се однесуваат на прекршоци поврзани со неприспособена брзина, поминување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило.
„Од нив, 431 приговор се поднесени од правни лица, а 45 од физички лица. По предметите постапуваат 16 судии од одделот за прекршоци.
Согласно Законот за прекршоци, сите приговори се навремено заведени и во законскиот рок од осум дена се доставени до Министерство за внатрешни работи за произнесување, што претставува предуслов за понатамошно судско постапување,“ се вели во соопштението.
Од Судот посочуваат дека значаен предизвик се приговорите од лизинг-компании за возила дадени на користење врз основа на договор за лизинг, како и од граѓани кои претходно ги отуѓиле своите возила, но не извршиле одјава во Министерството за внатрешни работи (МВР), поради што прекршочните налози биле издадени на нивно име.
Во соопштението се додава дека до овој момент нема донесено правосилна судска одлука по прекршоците евидентирани преку системот „Сејф сити“, во случаите кога е поднесен приговор.
Фото: МВР














