еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

5.000 км низ Западен Балкан: Лансирана велосипедската рута „Транс Динарика“ со дигитална навигациона апликација

Денеска се лансираше велосипедската рута Транс Динарика, револуционерна иницијатива која опфаќа шест земји од Западниот Балкан и која ќе го трансформира одржливиот туризам во регионот.

Оваа иновативна патека долга 5.000 км не само што ги истакнува прекрасните пејзажи и богатото културно наследство на Западниот Балкан, туку има за цел да донесе значајни економски и социјални придобивки.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека оваа рута вклучува 605 километри низ Македонија.

„Оваа рута им овозможува на посетителите да ги доживеат убавите пејзажи, различните традиции, кујна и приказни од овој регион.Промовирањето на Западниот Балкан како уникатна туристичка понуда ќе придонесе за одржлив туризам и регионална соработка, овозможувајќи економски и социјален просперитет, додека истовремено отвора врата за дополнителни стратешки инвестиции.

Министерството за култура и туризам го препознава овој проект како одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските места, природната убавина и различните искуства на местата долж патеката, додека истовремено го зајакнува локалното стопанство, создавајќи работни места и поттикнувајќи културна размена,“ истакна Љутков.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон-Јаин истакна дека овој проект претставува значаен исчекор во нашите колективни напори за поттикнување на одржлив рурален развој и унапредување на туристичката индустрија во овој динамичен регион.

„Рутата Транс Динарика не е само за туризам; таа е за зајакнување и можности. Со фокус на младите лица и жените во руралните подрачја, придонесуваме за стимулирање на туристички активности коишто ќе генерираат нови работни места и дополнителни приходи. Оваа иницијатива е сведоштво за моќта на соработката и заедничката визија за посветла иднина за Западниот Балкан,“ додаде Ларсон-Јаин.

Пауло Родригез, менаџер на програмата RECONOMY потенцираше дека Транс Динарика е повеќе од велосипедска патека.

„Тоа е патување кое нè поврзува со срцето и душата на Западниот Балкан. Се протега низ шест земји, преку 5.000 километри и безброј приказни кои чекаат да бидат откриени. Оваа рута е мост меѓу различните култури, заедничката историја и колективната иднина. Таа го симболизира потенцијалот кој се појавува кога заедниците, владите, меѓународните партнери и приватниот сектор ќе се обединат со заедничка цел: да промовираат одржлив развој, да поттикнат инклузија и да поттикнат економски раст во руралните подрачја,“ изјави тој.

Препознаена од над 100 меѓународни медиумски куќи, вклучувајќи Лонли Планет (Lonely Planet), Си-Ен-Ен (CNN) и Гардијан (Guardian), Транс Динарика веќе е прославена како една од „Најдобрите за патување“ за 2024 година.

Се предвидува дека Транс Динарика ќе генерира 15 милиони евра во рок од три години и ќе создаде над 3.000 работни места, значително зајакнувајќи ги локалните економии на руралните подрачја долж патеката.

Со обединување на јавниот и приватниот сектор, локалните заедници и меѓународните партнери, проектот има за цел да го позиционира Западниот Балкан како водечка дестинација за зелен туризам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Митрополит Тимотеј: Охридска архиепископија не е понижувачко име, во себе содржи десетвековна историја

Редакција

(Вознемирувачко видео) Момчиња и девојки дивеат и демолираат во Капишец

Редакција

ТАВ Македонија донираше храна и хигиенски средства за семејства во социјален ризик, во Општина Илинден

Редакција