еМагазин
Image default
Интервју

М-р Николина Шутиноска, претседател на Клубот на млади инженери: Инженерството е област каде математиката се претвора во магија

М-р Николина Шутиноска, претседател на Клубот на млади инженери во интервју споделува информации за придобивките од членството во Клубот на Млади инженери, за престојната конференција во Охрид, предизвиците од пандемијата со Ковид-19…

Што значи да се биде член на Клубот на млади инженери? Вие го менаџирате овој клуб?

Клубот на Млади инженери е тело на Инженерската Институција на Македонија, асоцијација која ги обединува сите инженерски здруженија во нашата земја. Клубот е формиран во 2018 година, кога ИМИ доби покана од Европските Млади Инженери да стане дел Советот на Млади инженери на Европа. Затоа беше потребно да се формира младински огранок на Инженерската Институција.

Мисијата на овој Клуб е да се организираат настани, интерактивни работилници и интернационални конференции на кои се промовираат техничките науки и се помага во професионалниот развој на младите инженери. Нашата цел е поврзување на младите инженери со индустријата и со нивните колеги од Европа.

Клубот на млади инженери брои над 90 члена распоредени во 4 работни групи за организирање настани, членство, односи со јавност и финансии. Може да членуваат сите дипломирани инженери до наполнување на 35 години, како и студенти кои се во завршна фаза со своите студии.

Доколку некој сака да се зачлени во Клубот може да го направи со пополнување на апликацијата на нашата веб страна: www.yec.engineer.org.mk

Поради настаната ситуација со Ковид пандемијата, календарот со активности за 2020 година значително го изменивме и прилагодивме со ситуацијата.

Кои беа Вашите ангажмани во Инженерската Институција на Македонија пред формирање на Клубот на Млади инженери?

Секоја година Инженерската Институција на Македонија, под покровителство на Претседателот на државата, го доделува признанието Инженерски прстен на најдобро дипломираните студенти од факултетите кои образуваат инженерски кадри.

Дипломирав во 2015 година на Техничкиот факултет во Битола, насока Електроенергетски системи и во 2016 година бев еден од добитниците на признанието Инженерски Прстен.

Тогаш се запознав и со проф. Христина Спасевска – претседател на Инженерската Институција на Македонија, која ме воведе во Клубот на носители на Инженерски прстен, каде што една година ја вршев функцијата потпретседател.

Овој клуб на носители ги обединува сите добитници на Инженерски прстен и се залага за промоција и препознавање на најдобро дипломираните студенти.

Од моментот кога го добив Инженерскиот прстен, сум активно вклучено во голем број активности од страна на Инженерската Институција, пред се бидејќи е добра можност за интеракција со сите инженерски здруженија и организираните настани и проекти се тесно поврзани со моите професионални интереси.

Зошто инженерство? Како се одлучивте за оваа кариерна патека?

Уште како мала бев заљубена во математиката. Растејќи сфатив дека инженерството е областа каде што Математиката се претвора во Магија. Односно, дека да се биде инженер значи на сите оние равенки и цртежи на хартија да им дадеш душа. Истите да можат да произведат електрична енергија, да завртат некој мотор, да изградат мостови, згради, да служат на човештвото.

По завршување на додипломските студии, се вработив во Соларпо Холдинг АД Софија- подружница во Република Македонија, на позицијата Раководител на планирање, анализирање и интеграција на фотоволтаици. Потоа сфатив дека во денешно време не е доволно само да се биде инженер во традиционална смисла на зборот. Затоа што сите треба да се стремиме за заштита на животната средина, енергетската ефикасност и интеграцијата на обновливи извори на енергија.

Поради тоа магистрирав во областа на Соларната енергија и фотоволтаичните системи на факултетот за Електротехника и Информациски Технологии. Во иднина се гледам како инженер кој ќе продолжи да работи во таа област.

Што претставуваат Европските Млади Инженери?

Европски млади инженери (European Young Engineers) е организација за млади инженери од сите дисциплини во рамки на Европското Високо образование (EHEA). Организацијата е основана во 1994 година во Брисел и повеќе од 25 години организира конференции низ цела Европа. Има 29  членки а нашата организација е првата која што доаѓа од земја која што не е дел на Европската Унија.

Таа го претставува гласот на младите инженери ширум Европа. За таа цел е формиран Совет кој заседава два пати годишно и секоја организација членка има свој претставник кој гласа за битни одлуки кои ги засегаат младите инженери ширум Европа. Конференциите на Млади инженери се одржуваат два пати годишно на различни локации низ Европа.

Една третина од конференциите се предавања, односно работилници и кафе средби. Другата третина се индустриски посети и промоција на локалната индустрија, а 33% е за социјален дел, односно дружење, туристички посети и гала вечери со локални специјалитети. Кога ја добивме поканата да станеме дел од Европските Млади Инженери требаше да се спремиме презентација за нашата организација и да презентираме пред Советот која се одржуваше во Малта.

По нашата детална презентација, Советот едногласно изгласа и Инженерската Институција на Македонија стана членка на Европските Млади Инженери. Конференцијата во Малта беше организирана заедно со годишната средба на ФЕАНИ (Европската федерација на Национални Инженерски организации) преку заеднички настани.

После конференцијата во Малта веднаш знаевме дека и ние би биле одличен домаќин на една ваква конференција, каде ќе се промовираат македонската индустрија и македонските природни убавини покрај синото Охридско езеро. Пред да заминеме потпишавме Меморандум за соработка со Советот на странски инвеститори и ја добиваме поддршката на Универзитетите.

Пред Советот презентиравме во конкуренција со Данска и Чешка и нашата идеја за Охрид 2020 едногласно победи! Во Холандија најинтересни беа индустриските посети бидејќи се посетуваа компании кои произведуваат роботи, возила кои целосно се напојувани од сончева енергија, електрични камиони и слично.

Следната конференција се одржа во Мадрид, Шпанија. На оваа конференција и покрај одличните индустриски посети, Аирбас, Амазон и слично, акцент се стави и на политиката. Односно се нагласи важноста за вклучување на инженерскиот сектор при донесување битни одлуки во политиката, бидејќи сепак инженерството е една движечките сили во економијата.

Многу членови на Европските Млади инженери се членови на Европскиот парламент или во некои други политички организации во Брисел.

Како ќе изгледа конференцијата Млади инженери на Европа, Охрид 2020?

Конференцијата Млади инженери на Европа, Охрид 2020 требаше да се одржи во мај, но за жал поради Ковид 19 пандемијата, мораше да се премести за некој од есенските месеци и ја закажавме од 29 октомври до 1 ноември. Европските млади инженери излегоа во пресрет и организираа онлајн конференција на веќе закажаните датуми.

Нашата конференција ќе се одвива по примерот на конференциите на Европските млади инженери, односно ќе има индустриски посети, предавања, социјален дел и ќе се одржи Советот на млади инженери на Европа. Ќе посетиме компании во близина на Охрид, вклучувајќи ги ОДВ Електрик, Костал Македонија, ЕВН Македонија, Вита Рес, Свислион, Кингс филд, ЈП Македонски патишта и други.

Како предавачи се јавуваат генерални директори на многу македонски фирми (ЕВН, МЕПО,  Ултра компјутинг и други), еминентни професори од македонските универзитети и многу докажани професионалци во својата област од земјава и регионот. Предвидено е разгледување на Охрид и неговите убавини.

Планиравме, заедно со Конференцијата, да се организира и церемонијата Инженерски Прстен под покровителство на Претседателот. Сепак, јавното здравје е пред се и доколку за жал условите се поразлични од предвидените и нашата конференција ќе мора да се направи онлајн.

Како пандемијата влијаеше врз инженерскиот сектор? Дали инженерскиот сектор има простор за подобрување и дигитализација?

Во изминатиот период заедно со Клубот на Млади инженери спроведовме анкета со наслов „Совладување на нови предизвици – Инженерство во време на пандемија“ која ја одговорија околу 150 инженери на различна возраст и од различна област. Речиси 52% од испитаниците одговориле дека пандемијата влијаела врз нивната работа.

Поголем дел одговориле дека им се променил начинот на работа поради работата од дома и поради намалениот обрт. Инженерите кои работат изведба или надзор одговориле дека работа значително им се отежнала заради неможноста да излезат на терен.

Само 1% одговориле дека имаат намалување на платата. Високи 64,6 % од испитаниците рекле дека нивната работа може целосно да функционира од дома, а 88,6% сметаат дека има простор за подобрување и дигитализација.

Дури 89,9 % од испитаниците сметаат дека инженерскиот сектор, како движечка сила на економијата, треба да работи во изнаоѓање на решенија за справување со вакви кризи.

Речиси сите одговориле дека инженерите мора да придонесат за дигитализација на процесите, со што би се постигнало подобро менаџирање на проектите и избегнување на непотребни средби. Сите испитаници сметаат дека инженерското образование има простор за подобрување од повеќе аспекти.

Кои се следните активности на Клубот на Млади инженери?

Oд наредната недела започнуваме со серија на Вебинари од различни области на инженерство. Првиот вебинар ќе се одржи на 01 Јули во 19 часот преку платформата ЗУМ. Темата на овој прв вебинар ќе биде „Фотоволтаични системи- Енергија за одржлива средина“, а предавачи ќе бидат проф. Христина Спасевска и д-р Ристо Јаневски.

Вебинарот е бесплатен и на него може да се пријават сите заинтересирани. Во наредните вебинари е предвидено покрај еминетните предавачи и членовите на Клубот да презентираат дел од својата работа при што би добиле Сертификати за предавачи.

После оваа низа на Вебинари се надеваме дека ситуацијата со пандемијата ќе се нормализира и ќе бидеме во можност повторно да се навратиме на предвиденото темпо со работа и во октомври успешно ќе ја организираме конференцијата на Млади инженери на Европа во Охрид.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јасмин Бем: Разновидноста носи развој, профитабилност и одржливост на компаниите

Редакција

Андоновски: Брзите потрошувачки и наменски кредити во „ИутеКредит“ се добиваат само со лична карта

Редакција

(Видео) Македонија може да се гордее: Клиниката „Жан Митрев“ една од најдобрите во светот

Редакција