еМагазин
Image default
ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Пензиско штедење сега, за удобна пензија во иднина

Пензиското штедење е постепено и континуирано зголемување на заштедите на долг рок. На почетокот, додека осигуреникот е млад, заштедите се мали, но во иднина, кога осигуреникот ќе ја достигне возраста на пензионирање, заштедите стануваат значително поголеми.

Начинот на кој е поставен пензискиот систем во нашата земја овозможува пензиско штедење за членовите на вториот и третиот пензиски столб. Овие два столба го претставуваат т.н. капитално финансирано пензиско осигурување, кое може да биде задолжително (втор столб) и доброволно (трет столб).

Капитално финансираното пензиско осигурување се одвива преку пензиски друштва и во моментов, во Македонија постојат три вакви друштва, при што секое од нив управува со еден задолжителен и еден доброволен пензиски фонд.

Кои се разликите меѓу задолжителните и доброволните пензиски фондови?

Задолжителниот и доброволниот пензиски фондови претставуваат капитално финансирано пензиско осигурување во кое се врши капитализација на уплатените придонеси на име и за сметка на членот.

Овие два столба функционираат на принципот на т.н. дефинирани придонеси, односно кај нив, однапред е определено нивото на придонес што се уплаќа, додека пензијата се утврдува отпосле, во зависност од акумулираниот износ.

Од вториот столб се исплаќа дел од старосната пензија. Од третиот столб се обезбедува финансиска заштита/надоместок за време на старост, инвалидност и во случај на смрт на осигуреникот.

И едните и другите вршат оплодување на средствата на осигурениците кои ги водат на нивни индивидуални сметки. Овие фондови ја вршат капитализацијата односно оплодувањето на уплатените средства во име и за сметка на осигурениците со инвестирање на средствата и остварување добивка од таквите инвестиции.

За остварените резултати и акумулираниот износ редовно ги известуваат осигурениците со испраќање на годишен извештај за резултатите на фондот и за состојбата на индивидуалната сметка на осигуреникот т.е. членот во пензискиот фонд.

Разликата помеѓу задолжителниот втор и доброволниот трет пензиски фонд е во тоа што осигурениците кои прв пат вработени по 1.1.2019 година и се помлади од 40 години, задолжително стануваат членови на вториот задожителен фонд и имаат можност по свој избор да си одберат со кое пензиско друштво ќе склучат договор за членство, во рок од три месеци од првото вработување.

Договорот треба да го склучат преку aгент на друштвото, кој е должен да им ги објасни нивните права и обврски. Доколку не склучат договор во дадениот рок, по модел на случаен избор ќе бидат распределени во еден од постојните задолжителни пензиски фондови.

Членувањето пак во доброволниот пензиски фонд е исклучиво на доброволна основа и индивидуална одлука за зачленување со цел да се обезбеди повисок износ на пензиски надоместоци по пензионирањето.

Дали се безбедни средствата што ги уплаќам во пензиските фондови врз основа на задолжително и доброволно членување?

Постои строга контрола и ограничувања на инвестициите на пензиските фондови.

Во законот и во подзаконските акти се дефинирани инвестициските цели и принципи, видовите на инструменти во кои можат да се вложуваат средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови, условите што треба да ги исполнуваат регулираните секундарни пазари на капитал, каде што се тргува со средствата, квалитетот на инструментите во кои може да се инвестираат средствата, држави или групи на држави во кои може да се инвестираат средствата, инвестициските ограничувања во рамките на инструментите и издавачите, забранетите инвестиции, надминување на инвестициските ограничувања, итн.

Покрај тоа, работата на пензиските друштва ја надгледува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, која врши супервизија на нивните инвестициските активности.

Што треба да направам за да почнам со пензиско штедење?

Потребно е да се направи контакт со агент за да се информирате за избор на пензиско друштво со кое ќе склучите договор за членство во задолжителен пензиски фонд, а доколку сакате, препорачливо е да склучите договор и во доброволен пензиски фонд.

Важно е да се знае дека ваквата одлука може да се промени, односно сите членови на задолжителен или на доброволен пензиски фонд, имаат право на премин од еден во друг пензиски фонд, при што се пренесуваат и нивните заштедени средства.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Совети за управување на личните финансии од Народна банка

Редакција

Народна банка: Што треба да знаете за крипто-валутите и вложувањето во нив

Редакција

Денови на финансиска писменост од 29 до 31 мај

Редакција