еМагазин
Image default
Бизнис

Пратениците треба да ја продолжат расправата за законот за решавање на спорот на Владата со Макпетрол

Собранието денеска треба да ја продолжи расправата по Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка.

Пратениците по оваа точка расправаа во петокот и ноќта меѓу петок и сабота, по што во раните утрински часови по повеќе од дваесет часа седницата беше прекината.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Во текот на расправата пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон.

Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот да се одважи и да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.

Во расправата, во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1.500 денари за акција, а сега во моментов е 12.500 денари.

-Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво, рече Бектеши.

Пратениците од власта во дискусиите истакнаа дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и оти покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали околу спогодбата меѓу Владата и „Макпетрол“ за гасоводот

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Оилко ќе дели дивиденда од 600 денари бруто по акција

Редакција

Комисијата за хартии од вредност не дозволи преземање на кичевско “Тајмиште“

Редакција

„Дрисла“ го доби тендерот за собирање и третман на медицински отпад од осум клиники вреден 631.000 евра

Редакција