Законското решение за задолжително пензионирање во јавниот сектор на 62 и 64 години е во собраниска процедура, но е блокирано со 400 – 500 амандмани од опозицијата, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференција во Владата, Шахпаска ги повика пратениците и од власта и од опозицијата да ја надминат оваа ситуација и да овозможат процесирање на законот, особено зашто, како што нагласи, сите амандмани се во суштина исти и се однесуваат само на рокот за важење на законот.
-Моите сознанија се дека законот е стигнат до второ читање, но за сите четири закони кои го регулираат пензионирањето со 64 години, законите за работни односи, за административни службеници, за здравствена заштита и за високо образование, се блокирани од страна на опозицијата со по 400 – 500 амандмани.
Ги повикувам пратениците, како од власта, така и од опозицијата, да најдат решение и исход зашто нашите сознанија се дека сите амандмани се во суштина исти, само за преместување на рокот за важење на законот. Да се договорат и ова законско решение да се биде поднесено, истакна министерката.
Фото: СДСМ