Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра девет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
„На годинашниот конкурс пристигнаа дури 41 роман. Жири-комисијата во првата селекција одбра 18 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, во петок, на 15 март.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22 пат.
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка,“ се вели во соопштението.
Во потесен избор за наградата „Роман на годината“ влегуваат:
„Лето во кое те нема“, Петар Андоновски, „Или – Или“
„Шрапнел“, Игор Анѓелков, „Или – Или“
„Суво мастило“, Владимир Илиевски, „Македоника литера“
„Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски, „Антолог“
„Ши“, Сашо Кокаланов, „Или – Или“
„Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски, „Антолог“
„Фантомско стапало“, Блаже Миневски, „Матица македонска“
„На враќање“, Фросина Пармаковска, „Или-Или“
„Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“.