Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров оствари билатерална средба со австрискиот канцелар и домаќин на Самитот за Западен Балкан во Виена, Себастијан Курц.
Крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација преку отворањето на поглавјата низ преговорите, била една од заедничките констатации од разговорот.
Заев и Курц изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство, информираат од Владата.
Заев на прес-конференција на завршницата од Самитот на ЕУ информираше дека во македонско-бугарскиот пријателски дијалог, е направен голем европски исчекор и изрази силно уверување дека низ овој процес, наскоро, Западен Балкан на Европа ќе и донесе нова позитивна вест.
„Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол братски народи. И барам поддршка од сите вас на тој пат. Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот“, подвлече премиерот Заев.
Заев истакнувајќи ја политичката поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која тој лично ја добил при средбите со европските лидери, како и сите највисоки претставници на Европската Унија, подвлече дека „сега е многу важно и во пресрет на конференцијата „Иднината на Европа“ политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки на ЕУ, така и во земјите за проширување да бидат многу погласни“.
Заев повтори дека Македонија е јасен пример за тоа дека европската перспектива е силна и јасна порака која има големо значење за одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите во државата, кои носат конкретни придобивки на граѓаните и го подобруваат квалитетот на животот.
„Во март минатата година, Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети, и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни.
Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент“, порача Заев.
Фото: Влада