еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Заклучоци од Берлинскиот Самит: Проширувањето останува стратешка цел и за ЕУ и за земјите од Западен Балкан

Седум години по првиот Самит за Западен Балкан одржан во Берлин во 2014 година, шефовите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и шефовите на државите или владите на Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Грција, Италија, Полска, Словенија и Обединетото Кралство и претставници на Европската унија (ЕУ) и на меѓународните и регионалните тела и организации се сретнаа на видео-конференција (поради тековните предизвици што ги наметна Ковид-19 пандемијата) во Берлин на 5 јули 2021 година за Самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

Во прилог интегрално Ви ги пренесуваме заклучоците по денешниот самит:

1. Надградувајќи се на претходните самити во Берлин, Виена, Париз, Трст, Лондон, Познан и Софија, како и на исходите и неколкуте министерски и технички состаноци во изминатите неколку недели, во дискусијата се разгледа напредокот, тековните предизвици и изгледите за регионална соработка на Западен Балкан.

2. Лидерите на Западен Балкан ја обновија својата одржана посветеност кон инклузивна регионална соработка и се потсетија на Регионалниот самит кој на 10 јуни се одржа во Тирана и на Средбата на лидерите која на 18 јуни се одржа во Виена. Тие ја повторија својата посветеност кон клучните европски вредности за демократија, владеење на правото и фундаментални права, како и важноста што помирувањето ја има за успехот на реформските процеси.

3. Учесниците потенцираа дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан претставува стратегиска инвестиција во мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа, потврдувајќи го долгорочниот став дека иднината на целиот регион лежи во ЕУ.

4. Учесниците се согласија дека инклузивната регионална соработка е фундаментален фактор за партнерите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ и таа не е замена за пристапувањето. Тие ја пофалија позитивната координација на проектите започнати во рамки на Берлинскиот процес и политиките на ЕУ, со специфичен фокус на Економскиот и инвестициски план, Зелената агенда за Западен Балкан и заедничкиот регионален пазар.

5. Тие ги потврдија заклучоците од Самитот во Познан во врска со важната улога на локалните власти како клучни учесници во регионалната и европската интеграција и повикаа за позасилено учество на локалните власти и здруженијата на локалните власти во пристапниот процес на ЕУ и проектите финансирани од страна на ЕУ под инструментот за пред-пристапна помош (ИПА).

6. Учесниците ја потенцираа специфичната додадена вредност на Берлинскиот процес во промовирањето на регионална сопственост со цел решавање на билатералните спорови и унапредување на поврзувањето, инклузивната економска интеграција, помирувањето, контакти меѓу луѓето, граѓанското општество и вклученост на младите и научна соработка.

7. Учесниците го поздравија предлогот на Северна Македонија за воспоставување на регионална програма за зближување на младите дипломати, во согласност со целта на Берлинскиот процес за негување на взаемна доверба преку иницијативи за градење на довербата. Тие го охрабрија Западен Балкан да обезбеди брза имплементација на проектот.

8. Учесниците заклучија дека успешните суштински елементи на соработка треба да продолжат и да бидат и натаму развивани. Овие елементи главно го вклучуваат Економскиот и инвестициски план со фокус на одржлив транспорт, чиста енергија и проекти за дигитално поврзување спроведени преку Инвестициската рамка на Западен Балкан, активностите за развој на заеднички регионален пазар, со посебен фокус на целосна имплементација на четирите слободи по моделот на Единствениот пазар на ЕУ, но во регионот, Зелената Агенда за Западен Балкан и Дигиталната агенда за Западен Балкан. Билатералните елементи на соработка како што е Иницијативата за купување, а исто така ќе продолжат и активностите спроведени во полето на дуално стручно образование.

ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛЕН ПАЗАР

9. Учесниците ги забележаа напорите вложени од страна на Западен Балкан од Самитот на Софија да го направи Заедничкиот регионален пазар реалност. Ова е одлучен напор во поглед на градењето подобри економии во регионот пост-Ковид-19 и подготовка на можности за натамошна интеграција на Западен Балкан на Единствениот пазар на ЕУ.

10. Таквиот амбициозен проект сведочи за потенцијалот на сеопфатната регионална соработка, но и ќе ја забрза економската модернизација и ќе го олесни приближувањето на Западен Балкан кон принципите и социо-економските стандарди на ЕУ. Успешната приказна на Европската унија потврдува дека интеграцијата е жив процес кој бара истрајна вклученост и конструктивна посветеност.

11. Учесниците го препознаа потенцијалот на градовите и општините во рамките на Заедничкиот регионален пазар.

12. Учесниците се потсетија на важноста на брзото овозможување слободно движење на луѓето на Западен Балкан како конкретна и материјална испорака на Заедничкиот регионален пазар за граѓаните од регионот. Особено, лидерите на Западен Балкан ја потврдија својата посветеност кон усвојувањето на Спогодбата за слободно движење на луѓето со лични карти и Спогодбата за граѓани од трети страни, колку што е можно побрзо и пред следниот Самит на ЕУ за Западен Балкан. Посебно внимание беше посветеност на брзо усвојување на спогодбите за взаемно признавање на академските и професионални квалификации, што ќе го олесни движењето на професионалците низ Западен Балкан.

13. Сега е задача на земјите од ЗБ да ја завршат, без одложување, работата преземена и олеснета од Советот за регионална соработка и според Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и брзо да ги потпишат или усвојат соодветните спогодби и одлуки во корист на граѓаните и компаниите во регионот.

14. Учесниците ја поздравија важната улога што ја игра приватниот сектор во спроведувањето на Заедничкиот регионален пазар, кој треба да се развива натаму преку блиска соработка на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 и преку спроведување специфични мерки низ сите шест земји од Западен Балкан. Особено, тие го поздравија основањето на развојна програма на регионални добавувачи направено од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6.

15. Тие, исто така, повторија дека пристапниот процес кон ЕУ, Економската реформска програма и анализите и препораките за дејствување издадени од Организацијата за економска соработка и развој треба да останат битни точки за упатување и одредници за мерење на напредокот за потребните економски реформи во земјите од Западен Балкан. Учесниците се согласија дека препораките на Прегледот на конкурентноста 2021 на Организацијата за економска соработка и развој на Југоисточна Европа треба да служи како насока и инспирација за остварување на амбициозна, инклузивна и одржлива реформска агенда на Западен Балкан. Тие се согласија дека Прегледот нуди неопходна и корисна база на докази за закрепнување на регионот пост-Ковид-19.

Зелени ленти на Западен Балкан 6 – Слободно движење на стоки

16. Учесниците ги потенцираа достигнувањата на регионалната Зелени ленти во обезбедувањето на проток на основни медицински и прехранбени продукти во текот на Ковид-19 пандемијата. Зелените ленти беа одличен пример за тоа како инклузивната регионална соработка може да ја олесни брзата и ефективна реакција на катастрофалните ефекти што ги имаше кризата.

17. Учесниците го поздравија проширувањето на зелените ленти кон сите битни премини во рамките на ЦЕФТА и повикаа за брзо усогласување на работното време на сите агенции вклучени во царинењето на стоките, во рамките на регионот и со соседните земји-членки на ЕУ.

18. Учесниците ја поздравија политичката волја изразена од страна на Грција за целосно прифаќање на концептот на ЕУ-ЗБ6 зелените ленти и нивната посветеност за блиска соработка со соседните страни од ЗБ6, како и со Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА, во овозможувањето целиот концепт практично да се примени на означените гранични премини меѓу Грција и соседните земји од Западен Балкан – Албанија и Северна Македонија и со целосно почитување на процедурите потребни според ЕУ, особено Шенген договорот, во врска со граничните премини меѓу земја-членка на ЕУ и земја кандидат за ЕУ.

19. Учесниците ја пофалија клучната координативна улога на Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Транспортната заедница во негувањето на создавањето и натамошната консолидација на Зелените ленти.

Централноевропски договор за слободна трговија (ЦЕФТА)

20. Учесниците ги пофалија напорите преземени во рамките на ЦЕФТА и го забележаа завршувањето на техничката работа на неколку важни одлуки на ЦЕФТА: е-трговија, взаемно признавање на програмите за Овластени економски оператори, взаемното признавање на професионалните квалификации, укинување на работните дозволи. Сите овие елементи се од клучна важност во создавањето на Заедничкиот регионален пазар. Учесниците ги повикаа страните на ЦЕФТА да ги усвојат одлуките поврзани со ЦЕФТА и да ги стават како приоритетни. Тие го поздравија стапувањето на сила на Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги и го поздравија напредокот постигнат во преговорите за Дополнителниот протокол 7 за решавање на спорови.

Дигитална трансформација

21. Учесниците го поздравија целосното спроведување на Спогодбата за регионален роаминг и започнувањето на режимот за бесплатен роаминг на Западен Балкан од 1 јули 2021 година и ја изразија својата подготвеност да продолжат со работа на насоки за обезбедување натамошни намалувања на трошоците за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан.

22. Учесниците ја пофалија организацијата на годишниот регионален натпревар Балкатон 2.0, кој заврши на 28 мај 2021 година и ги разгледаа предлозите за дигитални паметни решенија од младите луѓе од Западен Балкан.

23. Учесниците ја поздравија најавата од Црна Гора дека следниот Дигитален самит за Западен Балкан, централниот настан на агендата за регионална економска интеграција ќе се одржи на 11-13 октомври 2021 година.

ЕКОНОМСКИ И ИНВЕСТИЦИСКИ ПЛАН

24. Учесниците ја подвлекоа важноста на Економскиот и инвестициски план и ги изразија своите очекувања дека неговата комплементарност со Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда ќе даде поттик на економската интеграција и структурната промена во регионот кон зелена транзиција и ќе го подготви регионот за интеграција на Единствениот пазар. Тие ја препознаа клучната улога на Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА) за периодот 2021-2027 (ИПА III) во мобилизирањето на ресурсите потребни за имплементација на овие два плана.

25. Учесниците ја повторија важноста на поврзаноста со одржлив транспорт како камен-темелник на економската и социјална интеграција на Западен Балкан. Развојот на мрежата ТЕН-Т на Западен Балкан треба да ја прифати зелената и дигитална трансформација како интегрален дел од европската амбиција да ги постигне своите цели за декарбонизација. Учесниците ја потврдија својата политичка подготвеност да развијат транспортни мрежи што ќе бидат отпорни на климатските промени, интелигентни и со користење на ефикасни ресурси на Западен Балкан кои ќе треба да служат за транспорт на стоки и патници на најефективен и лесно достапен начин за корисниците со цел да се поддржи одржливата мобилност.

26. Учесниците се обврза на градењето врски меѓу Западен Балкан и соседите од ЕУ со создавање интероперабилна средина за развој на заедничкиот транспортен пазар без граници со цел да се поттикнат изгледите на регионот за вршење бизнис.

27. Тие ја препознаа потребата од негувањето создавање на терен за игра за конкурентни железнички услуги на Западен Балкан, со што би се подобрила целосната ефикасност на транспортните услуги и постигнување на целите за зелена и одржлива мобилност. Тие се согласија дека луѓето и бизнисите во регионот и ЕУ заслужуваат безбедни, сигурни, брзо и удобни железнички врски меѓу шесте главни града на Западен Балкан и меѓу шесторката од Западен Балкан и соседните главни градови во ЕУ. Затоа, тие се согласија дека железничката поврзаност во и низ регионот мора да биде зацврстена преку капитални инвестиции и да биде усогласена со стандардите за железничка интероперабилност во ЕУ.

ЗЕЛЕНА АГЕНДА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

28. Учесниците ја потврдија нивната посветеност кон обезбедување на успех и постигнување на целите од Зелената агенда за Западен Балкан. Агендата е важен двигател за транзиција на економии кои ќе бидат неутрални во поглед на јагленот и ќе бидат отпорни на климатските услови, со цел да се одвојат економскиот раст од потрошувачката на ресурсите и креирањето отпад, справување со високите нивоа на загадување и заштита на богатиот био-диверзитет на регионот.

29. Учесниците го поздравија напредокот постигнат до денес во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан и ги препознаа напорите на Советот за регионална соработка во координирање на подготовката на првиот нацрт Акциски план.

Тие се согласија дека целиот процес почива на регионалното сопствеништво и вклученоста на релевантните регионални организации и граѓанското општество. Потсетувајќи се на важноста на пристапот „целата економија“ и „целото општество“ за успешно спроведување на Зелената агенда, тие ги повикаа сите засегнати страни да придонесат кон нејзината имплементација.

Тие ја пофалија улогата и поддршката на ЕУ, вклучително и финансиската помош, во олеснувањето на исполнувањето на Обврските од Софија преземени во врска со Зелената агенда.

30. Учесниците, исто така, го поздравија започнувањето на Иницијативата за Региони во јаглен-транзиција на Западен Балкан во првиот квартал на 2021 година.

31. Претседавачот ја потенцираше посветеноста на Германија во назначувањето на Специјален комесар за спроведување на Зелената агенда во индустриските и енергетски сектори на Западен Балкан.

ОДГОВОР НА КОВИД-19 ПАНДЕМИЈАТА

32. Учесниците ја поздравија одлуката на Претседавачот да продолжи со минатогодишниот прв состанок на министрите за здравство во рамките на Берлинскиот процес и да организира уште еден состанок, кој се одржа во Берлин (преку видео-врска) на 17 јуни 2021 година. На состанокот се извести за тековните национални регулативи и тој ја олесни размената на ставови за соработка меѓу Западен Балкан и ЕУ на темата безбедно патување. Учесниците ја потврдија одлуката на министрите за здравство за поддршка на регионалното здравје и надвор од реакцијата во борбата со Ковид-19 пандемијата.

33. Учесниците го поздравија фактот дека Западен Балкан 6 сега се на листата за која треба да се укинат рестрикциите за патување. Тие им честитаа на Комисијата и на Советот за фактот дека Дигиталниот КОВИД сертификат на ЕУ е оперативен од 1 јули и го поздравија сеопфатниот пакет на финансиска поддршка кој треба да се обезбеди на Западен Балкан за тој да може да се приклучи на системот.

Овие средства ќе го поддржат Западен Балкан да ја развие и/или приспособи националната дигитална инфраструктура и позадинските решенија за издавање, верификување и прифаќање на дигиталните зелени сертификати според релевантните технички спецификации на ЕУ и да дозволат интероперабилност на дигиталните зелени сертификати преку централниот влез во ЕУ. Ова ќе го олесни патувањето во и надвор од Западен Балкан и кон ЕУ и ќе придонесе за натамошно олеснување на социјалното и економско влијание што го имаше пандемијата.

34. Учесниците ја пофалија солидарноста на ЕУ со Западен Балкан во борбата со пандемијата, прикажана со поддршката што ЕУ ја даде за регионот, вклучително и испораката на вакцини преку Механизмот на ЕУ за споделување вакцини. Непрекинатата поддршка на ЕУ и СЗО треба да овозможи зацврстување на здравствените системи на Западен Балкан и по пандемијата и да обезбеди подобра подготвеност за натамошните предизвици.

35. Учесниците се согласија дека кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата нуди можност за поблиска регионална соработка и натамошно продлабочување на економската соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан.

Значителните финансиски ресурси обезбедени од ЕУ и земјите-членки за поддршка на социо-економското закрепнување на Западен Балкан треба да се инвестираат во мерки за зацврстување на конкурентноста на малите и средни претпријатија ви проекти за регионална соработка, како што е инфраструктурниот развој.

Соработката со ЕУ, исто така, мора да биде зацврстена во стратегиските полиња на развој, како што е користењето на водород или развој на акумулатори, надоврзувајќи се на предлозите од бизнис здруженијата и регионалните иницијативи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грција ќе обезбеди помош на границите со Македонија и Албанија за непречена размена на добра во рамките на Зелен коридор

Регионалната соработка е основа за поврзување и економски прогрес, а не замена за интеграцијата во ЕУ, рече Заев на Самитот на Берлински процес

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Македон ја објави својата прва книга

Редакција

Ковачевски и Петков ја изразија важноста да се поттикне соработката меѓу државните универзитети во двете земји

Редакција

Антикорупциска поднесе иницијатива до ОЈО за кривично гонење на поранешниот министер за култура Исмаили

Редакција