Две вили се опожарени од кои едната и целосно изгоре во големиот пожар во атарот на општина Карбинци. Пожарот е почнат пред околу еден час, но поради ветерот зафатена е голема површина на земјоделско земјиште и култури, а во опасност се доведени и објекти.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев за МИА вели дека од едната вила евакуирано е едно лице со инвалидитет. Пожарот се шири брзо поради ветерот и веќе е пристигнат кај препумната станица за вода во близина на село Радање.
Насев вели дека е ангажирано месното население кое им помага на штипските пожарникари кои веднаш се јавиле и дошле на опожарениот дел. Проблем им создаваат одредени шумски појаси каде што се издигнуваат пламени по неколку метри.
Засега никој не коментира која е причината за овој голем пожар во општина Карбинци.
Инаку, ова е веќе трета голема огнена стихија во општина Карбинци за речиси еден месец. Пред повеќе од половина месец изгореа 300 хектари житни култури, овошни и лозови насади.
МИА